Облеката наша насушна

2 октомври 2015

Секојдевно луѓето купуваат облека, ја конзумираат и таа станува одраз на нивната особеност. Но, често пата се наметнува прашањето: знаат ли воопшто што ставаат на себе?

Што одредено име на бренд преставува и подразбира?

Всушност, мнозинството на модните конзумети воопшто не ги интересира што значи и што стои зад името на некој дизајнер или модна куќа во светот. Ниту пак ја препознаваат разликата меѓу нив, исто како и поделбата на redy to wear и Haute Couture (Висока мода). И тоа не е прашање на стилот туку на сопствената информираност и општа култура( може да се опкладиме н.п. дека 80% од сопственичките на фејк чантите со висечкото лого МК не знаат дека тоа го означува името Мајкл Корс). Но, за среќа или за жал, ниту едно дизајнерско име или бренд само по себе нема да биде гаранција на стилот освен во круговите каде вредностите се битно искривоколчени а желбата за осознавање на новото и прилагодување на облековните предмети кон сопствената особеност потполна непознаница.

 

Но, проблемот не е само на оние кои се лаици туку и на оние кои на овој или оној начин се инволвирани во модатата . Не е мал бројот на оние за кои модните писанија се само сликовници за гледање не сфаќајки дека под сите тие силни слики постојат пораки кои треба и би било пожелно да знаат да се исчитаат.

Како и во секоја друга работа, така и за оние кои се занимаваат со модата на било кој начин, нејзиното познавање во помала или поголема мерка би требало да биде основно и примарно. Тука секако не се мисли само на последните ревии на одредени дизајнери и какви додатоци се во тренд. Тука секако би требало да има упатеност, но тоа сето не застанува тука зошто таквото познавање е само површно гледање на модата и она што таа го преставува. Сите, без разлика дали се занимаваат со модата или се само нејзини консументи,делат различни афинитети кон така нареченото модно знаење.

Затоа тука анегдотите и приказните се неверојатни. Некои се симпатични но за жал некои се и смешни.
Но, површноста секогаш ќе ја има, и доколку не би било така , вистинското знаење не би дошло до израз.Не би постоеле стилски икони ниту модни стручњаци.

Сепак се чини дека од време на време е потребно да се заврти вниманието на тоа дека модата не е само набавка,туку пред се неоптоварено промислување за тоа кои сме и каде припаѓаме, што сакаме да им порачаме на другите и како сакаме да не доживуваат. Но и многу што друго.

Во идеалниот случај купувањето е конечен чин кој ги обединува нашите размислувања кои произлегуваат од потребата да бидеме навистина она што сме.

Снежана Богдановска-Сани

Објавено:
2 октомври 2015
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
2.462 пати
Тагови: 
колумни став мода