Образованието е најмоќното оружје со кое може да го смените светот...

2 септември 2019

...Вели Нелсон Мандела.

А на овој свет му требаат промени и свесни идни генерации. Можеби нивните родители, особено во нашево опкружување, ќе речат дека оваа мисла е утопистичка, дека вистинските вредности оддамна се оставени само за страниците во сликовниците, дека живееме во време во кое на цена е се' она што е спротивно на етиката и моралот, дека треба да ги следиш само личните интереси за да успееш...

И токму заради таквата искривена слика во светот на возрасните, ни се потребни нови генерации кои ќе му дадат шанса на прогресот, развојот, менталниот раст и конечно децата ќе ги потсетат своите родители на есенцијалните лекции во животот: да се почитува туѓото мислење и тогаш кога не се согласуваш со истото, да се подели ужинката со другарчето, да му се помогне во ситуација кога му е неопходно, да се цени личноста, а не она што материјално го поседува, да се сонува, да се чита, да се размисли пред да се каже гласно...

Да, овие исти „наивни" лекции од основното образование, недостасуваат да си најдат своја примена во секојдневието на возрасните, а токму поради тоа постојано сме незадоволни од општата култура, односно некултура - невоспитаност, дрскост, арогантност и празноглавост се резултатот со кој секојдневно, во различни ситуации сите се соочуваме.

Затоа, убаво би било овие есенцијални, воспитни лекции да ги повториме, заедно со нашите деца, наместо да ги убедуваме во идеологијата на личниот интерес.

Ученици, образованието е навистина најмоќното оружје со кое може да го смените светот и кое никој не може да ви го одземе! Затоа бидете умни, учете, читајте ги лектирите, не плашете се да влезете во дискусија со вашите наставници, борете се да го кажете своето мислење, но секогаш почитувајте го туѓото! Бидете генерацијата која навстина ќе го смени светот, верувајте во тоа и борете се за позитивните промени!

Среќно првачиња! Со успех ученици!

Фото: Пинтерест

 

Објавено:
2 септември 2019
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
209 пати