Око кое ја препознава разликата

16 октомври 2015

Факт е дека секој сака да изгледа добро и да се чувствува добро околу тоа. Можност која облеката ја дава. Има ли затоа, нешто позаводливо од модата-облека која прилега добро. Има нешто возбудливо во набавката на нешто посебно кое ќе направи да се чуствувате и изгледате посебно. Облекувањето е најочигледниот начин на изразување на личноста а добриот избор на облека носи чувство на заштита. Затоа купувањето станува омилена активност. Но, изборот на облеката не е прашање само на вкусот туку и на понудата.

Генерален заклучок е дека Скопје е исклучително помодарски град. Бројот на брендовите кои се јавуваат како понуда ,од имиња на синџири на широка потрошувачка па до дизајнерски куќи ,од ден на ден се повеќе се зголемува. Зачудувачката бројка на трговски центри , аналогно и бројот на бутици со звучни имиња,реално би го наметнал впечатокот на богата понуда која треба да рефлектира една добро стокмена нација. Скопјани сакаат да изгледаат модерно и имаат желба да купуваат брендирани парчиња гардероба. Но за жал, како последица на отсуството на модна традиција помодарството во овој контекст и не е нешто што би го разбрале како пофално. Само со еден поглед на "крпчињата" кои шетаат низ градот се добива најмасовниот визуелен тест на личноста. Како прво помодарството се одразува како крајно буквална рефлексија , второ , станува збор за бледа и најчесто банална верзија, и трето-речиси секогаш се однесува на лимитирани, скудно селектирани трендови од стотиците кои се исфрлаат секоја сезона.Така се добива впечаток дека безмалку сите трговци како да се со идентичен вкус, и тоа оној нај"питкиот" она што најлесно минува кај широката публика.

Затоа впечатокот сепак ќе биде дека на Скопје му недостасува индивидуалност,оргиналност и идентитет. Но, облеката не е семоќна,таа е средство, а не цел сама за себе. Таа може да го замаскира телото, ама има и една маана-уште поуспешно ја разоткрива личноста и најчесто она што таа сака да го сокрие најмногу. Тоа секако им е сосема јасно на индивидуалците, оние за кои облеката е повеќе од личен билборд за сопствениот статус. Оние за кои мoдата е некаков вид на применета уметност, но е исто така и вид на став. Стилот на доброто облекување не е резервиран само за модните икони.Тоа е во најголема мера едноставен процес во развој кој се одразува во доброто извежбано око кое ги препознава предностите и маните низ секоја сезона и сите трендови.

Но, за среќа во време кога нашиот пазар е преплавен со нискоквалитетни франшизи и со облека од маспродукција, македонските модни куќи и дизајнери сепак наоѓаат сили за водење тешка битка за опстојување. Потребно е многу работа, добра финансиска поткрепа, но среќа и храброст за да се основа своја етикета. Дел од модните креатори велат дека тоа е како борба со ветерници, но убедени се дека со квалитетниот и оригинален дизајн може да се допре до купувачите, не само во нашата земја туку и пошироко.



Автор: Снежана Богдановска Сани

Објавено:
16 октомври 2015
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
1.384 пати