„Практична жена“ – модната библија на нашите мајки

2 јули 2020

 Во купиштата стари спијанија кои ги откривме дома, уредно спакувани во кутии и подзаборавени, со помешан мирис на носталгија и стара хартија, се ѕиркаше „Практична жена“.

Во денешно време американското издание на „Вог“ се смета за модна библија, често така и се нарекува. Но, во времето на нашите мајки и баби, „Практична жена“ е списанието што може да носи таков епитет.

Денес магазините ширум светот често пропагираат теми за тоа како жената треба да изгледа, да живее, да се облекува, а многу малку се занимаваат со она што реално ѝ е потребно - сега.

„Практична жена“ е списание кое не се купуваше колку само да се купи.  Тоа е списание што се чуваше – уредно складирано по броеви, веднаш до омилената фотелја. Или на орманот во трпезарија. Или пак во долниот дел на витрината која стои во близина на шпоретот. Кај наша соседка секогаш стоеше во собата во која се одмараше, во која покрај плакар, кауч и витрина, имаше и полица каде ги чуваше највкусните слатка од сливи и смокви со парче лимон внатре - и колекција „Практична жена“.

Моја кујна
Како да го поправите вкусот на сосот – додадете црно или бело вино, јаболков оцет, лажичка желе од рибизла или желе од дуња.
Како вчерашен леб да биде свеж денес – Ставете го лебот кратко под млад студена вода. Добро протресете го и ставете го во жешка рерна. Оставете го десетина минути, ќе биде мек и крцкав како да е донесен од пекара.


Мој дом
Непријатниот мирис на пржење, дури и при пржење риба, исезнува ако покрај садот во кој пржите ставите здела со оцет.

За чешмите да ви бидат сјајни користете мало количество крема за бричење, која ќе ја ставите на мека крпа.
Дамките под пазуви на памучна ткаенина исчистете ги на следниов начин: стопете 8-10 аспирини во филџан топла вода. Делот од ткаенината под пазувите потопете го со водата со аспирин и оставете 30 минути, а потоа исперете ја како и обично. Водата со аспирин фрлете ја веднаш по користењето.
Гумата за џвакање можете да ја одлепите вака: парчето облека ставете го во пластична вреќичка и оставете го преку ноќ во замрзнувач. Утре дента извадете го и веднаш со тап нож истругајте ја мастиката колку што можете. Потоа, втријте малку оцет и течен детергент и исперете како што секогаш го правите тоа.

Два пати месечно, жените ширум Југославија добиваа четиво кое сосема соодветствуваше на животот што тогаш го имаа и кој го сакаа. Дали знаеле за подобро? Веројатно и не. А дали сакале да знаат? Веројатно да, но за тоа ги имаа љубовните романи, „Династија“, филмските класици и германските и италијански списанија. Ова домашното го чувствуваа за свое, за блиско.

Списание чии страници се фотокопираа и се ставаа во транспарентна папка, од која ѕиркаат малку превитканите листови. Списание што и се позајмуваше, но задолжително се враќаше.

Овој исечок од фотографијата погоре е од еден број на „Практична жена“ од 1966 година, а сведочи за теми кои се дел од секојдневието на една млада жена, за кои сепак не се зборувало толку јавно.

Како да се заведе еден маж – одговорот во „Практична жена“ ги става манирите на жената во фокус – исправен од, смиреност и умереност во движењата, притоа никогаш да не се криват нозете. Во денешно време одговорот би вклучувал соема поинаква естетика.

Со текот на време, ова списание добива рубрика „Интимен однос“, па жените ги споделуваа своите најдлабоки стравови и нејаснотии врзани за животот под чаршафи, а подоцна, од 1968 натаму, списанието започна и со одговор на писма од читатели. Прељуба, несакана бременост, разводи... - теми ништо помалку актуелни и денес. Тоа беше еден од показателите дека општеството почнува да се американизира и дека се создаваат нови трендови. Всушност, можеби и не беа нови, колку што беше нов начинот на кој се разговара за нив во тоа време, или воопшто моментот дека станале тема за дискусија, уште повеќе јавна.

Тогаш како да немаше потреба за дополнително разубавување на животот, но „Практичната жена“ како да ги откриваше неговите тајни. 

Моја гардероба
Наборите ќе бидат задоволни – плисирано здолниште никогаш не ставајте го на закачалка.
Не претерувајте со омекнувач за алишта – тој ќе ги омекне влакната, но исто така и ќе ги растегне и облеката ќе изгледа како износена. Употребувајте го само доколку водата за перење е тврда.
Шпицестите јаки секогаш пеглајте ги од врвовите кон средината, за во аглите да не останат набори.
Екстра совет: Ако после работа веднаш излегувате негде, изберете класични панталони или здолниште со поедноставен горен дел, а потоа додајте вечерен накит, потемен кармин и повисоки потпетици и тоа е тоа.
Свадба: Одите на свадба која ќе трае кој знае колку. Облечете костим и земете си резервен горен дел. Ако се одлучите за фустан, тогаш оберете и вечерни модни додатоци. Не дозволувајте да ве изненади температурата, па имајте шал или наметка и секогаш, за секој случај земете си уште еден пар чевли.

Моја гардероба“- тука беше срочено сè она што е „ин“ заедно со шемите за шиење, испечатени на посебна хартија, превиткани и закачени во средишниот дел на списанието. Многу кројачки приказни се започнати благодарение токму на овој додаток Освен тоа имаше и шеми за везење, везот беше идеален  украс на перниче, блуза, чаршаф...

А секоја жена која држеше до својот изглед и дом,  сакаше да ги има овие шеми и совети. „Практична жена“ беше како сосетка која ја чувствувате за уште еден член од семејството. Кога сака доаѓа, кога сака си оди, на која скришно ѝ ги шепкате своите тајни, а таа ги одговара...

Не беше баш сè совршено во „Практична жена“, уште помалку наивно, што може да се толкува како алузија на тоа дека ниту една жена не е (иако тоа воопшто не била целта). Низ броевите можат да се сретнат мошне стереотипни објаснувања, денес можат да се стават во контекст и на шовинистички, а имаше и мошне нелогични. Можеше да се прочита дека мажот секогаш треба да го дочекате дома насмеани и средени, со топло јадење, дека жените што нема да се омажат се „блуднички“, како и тоа дека жените одат повеќе на концерти и културни настани, бидејќи нивната биолошка природа (читај дебелина) не им дозволува многу движење, за разлика од мажите кои се создадени за акција...

Голем дел од овие „препораки“ се пренесен диктат од општеството и нормите кои ги пропагира системот. Тема за посебна дискусија. Колку оттогаш до сега се смениле работите или дали воопшто.

Сепак, факт е дека „Практична жена“ со текот на годините стана револуционерна во однос на својата содржина. Се изненадив на колку страници за огласување стари работи можат да се најдат токму стари изданија на ова списание. За симболична цена се нудат цели комплети, од различни декади.

Ова беше списание кое жените го впиваа со очи, а мажите веројатно кришум го “листаа“. Од денешен аспект, списанието е сведок на едно време и тоа низ призма на различни сфери од животот. Ако сте носталгични, ќе се потсетите со насмевка на лице, а ако сегашноста ја сметате поубава од тогашната, тогаш веројатно сте од оние што веќе и не купуваат списанија, макар и тие неколку што ни останаа.

А тој недостаток на списанија, говори за една друга вистина, од „новото“ доба. Ние денес немаме што да собираме и редиме по броеви. Сега читаме преку екраните и не се знае дали побрзо читаме или забораваме.

Сега не чувствуваме восхит да бидеме колекционери на четива кои го опишуваат нашето современие дури и преку текстови за тоа како да ги налакираме ноктите или во која боја да си купиме кармин. И можеби тоа како да чекорите или да се насмевнете сега ви изгледа банално, потценувачки, површно, смешно, сосема наивно – но денес наивноста бледее, една млада девојка нема каде ниту да го слушне тоа, а камо ли да го прочита, за да одлучи дали го прифаќа или не. 

Имаме ние денес многу придобивки, кои, помеѓу другото, треба да го направат животот практичен, но истовремено можеби и никогаш поголеми соочувања со очекувањата и товар. Како луѓе. Како жени.  

 

 

 

фото извор: kupindo.com; facebook.com/kuriozitet.rs;.limundo.com;

Објавено:
2 јули 2020
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
602 пати
Тагови: 
Практична жена