Присуство кое гуши: Не сакам веќе да зборувам за стари работи, од тоа нема ништо

22 јануари 2021

Својот најдобар пријател којшто одамна го барав го најдов во себе. Мислам дека секој од нас на крајот од денот ќе мора да си стане свој најдобар пријател. Но, тоа не значи дека треба да сме асоцијални. Апсолутно е здраво да се постојат луѓе во нашите животи со кои ќе пиеме кафе, ќе одиме на прошетка или ќе зборуваме на телефон. Но, апсолутно е нездраво кога одреден разговор почнува да тежи, кога некој од нас нешто очекува, кога немаме право да се предомислиме и кога полека комуникацијата со некои луѓе почнува да нèзаробува. Тоа се нарекува – присуство кое гуши.

Долго време ми беше потребно за да сфатам дека никогаш не смеам да дозволам моето присуство некого да гуши, а и за да станам свесна дека многу пати сум го правела тоа, свесно или несвесно. Откако се одвикнав од таа токсична навика, престанав и јас да бидам токсична, за себе и за другите. Но истовремено, се појави еден друг проблем – одеднаш снемав муабет со други токсични луѓе, коишто во суштина многу ги сакам. Одеднаш, не можев повеќе да комуницирам како порано, а тоа ми одзема безброј теми. Останаа неколку теми за разговор, конструктивни и без месо, а тоа некого може да го остави гладен. Не беше пријатно да се гледа како патиштата ни се раздвојуваат, но сигурна сум дека животот тоа го наметнува секому. Едноставно, растеме и се менуваме, и секој оди таму каде што му е добро. Мене, мене ми е добро во тишини во некој разговор каде знам дека на грешка никој не ме чека, а ниту пак ми запишува зборови, а и јас сум слободна и слушам со срцето, не бројам секунди и сакам да впивам, давам и земам, разменуваме и така до бескрај, ги заменуваме сите тие безброј интересни теми, кои нам ни се одамна досадни.

И тука некаде на крај, следува прашањето – што ако и со себе еден ден сосема снемам муабет? Што ако јас самата од себеси тргнам во спротивен правец? Ако тоа се случи, се надевам дека ќе бидам будна и ќе си ја отворам вратата и ќе се пуштам да одам каде сакам, без сосила да се држам. Ќе се пуштам во бестрага.

Eдно е сигурно – јас морам да се вратам. Без себеси јас не можам. И кога моето присуство ќе почне да ме гуши, јас ќе немам избор, а ниту изговор. Јас ќе морам да се променам. И пак, и пак, затоа што од растење никогаш не е доста. И нема да ми е првпат, а знам дека нема ни да е последен. Цел живот е така, и затоа постојано сум подготвена да се менувам и пријатни ми се луѓе што се менуваат исто така. 

Не сакам веќе да зборувам за стари работи. Од тоа нема ништо.

 

Ксенија Николова

„Верувам во втора, трета и стота шанса и во тоа дека човекот може да научи да живее среќно и со многу болка, а јас се додека се менувам секој ден, знам дека ќе бидам добро".

Објавено:
22 јануари 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
1.561 пати