Разговор со 2020-та: Бидете благодарни за сите лоши нешта коишто не ви се случија, и за оние добрите коишто сè уште ги имате

1 јануари 2021

На 31-ви декември, некаде напладне, јас и 2020-та година одлучивме да испиеме едно кафе и да поразговараме. Се договоривме сосем случајно, иако можеби знаев дека тоа ќе биде неизбежно. Седнавме на две клупи во паркот, на растојание, но сепак доволно блиску за да се слушнеме, јас држев топло кафе со млеко во раката, а таа во својата држеше горко, црно кафе. Надвор беше студено, но ние бевме добро облечени, особено таа.

„Ксенија, што посака за Нова година?“, ме праша.  

„Не знам“, се напив од кафето. „Посакав нешто што никој не може да ми го даде освен Бог“, додадов, воздивнувајќи.

„Толку е големо?!“ ме погледна таа, поместувајќи си го црниот шал завиткан околу вратот.

„Најголемо е“, се насмевнав.

„Се надевам дека ќе ти се исполни таа желба. Но, немој да се фокусираш на неа. Човекот во суштина секогаш може да биде среќен. Никому не му треба помош за тоа да се случи“, ја заврте таа својата глава.

„Можеби, но не треба ни да им се одмага на луѓето“, не можев да се воздржам.

„Знам што сакаш да кажеш со тоа. Мислиш дека јас одмогнав на многу луѓе оваа година, зар не?“, ме погледна.

„Мислам дека целиот свет го мисли тоа“, самоуверено реков.  

„Тогаш целиот свет греши и е во заблуда. Јас немам ништо со тоа, пандемијата нема ништо со тоа. Болката е невозможно да се избегне, таа е составен дел од животите на луѓето. Родени сме за да страдаме, но и покрај тоа животот може да биде убав. Тој што нашол светлина во секоја темнина, тој секогаш ќе биде среќен. А вие, вие само нешто посакувате. Престанете со бесконечните желби, бидете благодарни за тоа што го имате!“, рече таа, малку вознемирена.

„За што да бидеме благодарни, за сите лоши нешта коишто ни се случија додека ти беше тука?“

„Не, бидете благодарни за сите лоши нешта коишто не ви се случија, и за оние добрите коишто се’ уште ги имате!“, викна таа.

„Ништо не те разбирам. Никој тебе ништо не те разбира“, воздивнав.

„Знаеш што, Ксенија?“, стана таа од клупата и застана, држејќи го кафето во рака и гледајќи ме право во очи. „Убаво е кога имаш кого да обвиниш, зар не? Некој мора да биде виновен, нели? Тоа на луѓето им дава лажна слика за сопствените грешки и тие тоа го сакаат. Луѓето сакаат да ги лажеш и да не им ја кажеш вистината во очи. Е оваа година, додека јас бев тука, вие добивте парче од вистината сервирано на маса. Да, драги мои игноранти жители на оваа планета којашто само ја уништувате, загадувате и упропастувате, пандемии постојат,  луѓето секојдневно умираат, луѓето се болни и гладни, и иако тоа некогаш се случува на крајот на светот во друга земја, тоа и тогаш треба да ве засега и да ве растажува! Болката не се бира, а вие не смеете да бидете игнорантни, вие сте сите едно заедничко множество, вие така треба да функционирате, инаку се’ ќе почне да се распаѓа, како што впрочем и веќе почнува! Како домина, еден по еден, сите паѓате во иста дупка!“, се вознемири таа толку многу што едвај го држеше своето кафе, оставајќи ме без зборови.

„Добро“, воздивнав. „Ние ова го заслуживме?!“, ја погледнав со солзи во очите, а таа ми се доближи и ме погали по косата и повторно се оддалечи.

„Ова не е одмазда, ова е последица. Разбираш? Никој вам ништо не може да ви направи, освен тоа што вие самите си го правите“, се насмевна со една тажна насмевка. „Среќна Нова година Ксенија!“, го дигна таа своето кафе.

„Среќна Нова година, наздравје“ , го дигнав и јас моето кафе и двете се напивме по една голтка во исто време. „Немој да се лутиш, но се надевам дека повеќе никогаш нема да ни се случиш“, се насмевнав.

„Ах, што можам јас? Јас сум само една календарска година. Вашиот живот е во ваши раце. Каква ќе ме направите, таква ќе бидам“, се насмевнаа таа, го затегна својот црн шал и си замина.

Ја гледав како чекори и во еден момент повеќе не можев да ја видам. Мислев дека ќе почувствувам олеснување, но она што го почувствував беше нешто друго. Чувствував вина и одеднаш станав свесна за огромната одговорност која секој од нас ја има.

 

Ксенија Николова

„Верувам во втора, трета и стота шанса и во тоа дека човекот може да научи да живее среќно и со многу болка, а јас се додека се менувам секој ден, знам дека ќе бидам добро“.

Објавено:
1 јануари 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
1.465 пати