Роденденска 6-ка за академска 10-ка

17 април 2019

Додека пребарувавме низ архивите на изминативе 6 години, за да направиме една ретроспективна, роденденска галерија со фотографии од нашето залагање и вложување во Fashionel, сфатив дека „товарот" што го носиме зад нас, од нас направил сериозен и созреан тим што пронашол начин како умешно да функционира со сите свои доблести и маани.

Нашето зреење низ годините значеше соочување со предизвици, разгазување на непроверен терен, експериментирање и понекогаш авантуристички потези, што од друга страна нѝ откри нови „супермоќи" што секој од нас поединечно ги поседува, а функционираат колективно, нѝ посочи нови хоризонти кон кои итаме со ентузијазмот ист како оној од почетните денови, ама погледите ни се подлабоки и посестрани.
Низ нашите страници се спознавме самите себе, се запознавме меѓусебе и нечии „туѓи" приказни кои беа вредни, а анонимни до моментот додека не проговореа преку нашите содржини, па така тие туѓи приказни станаа и наши и ваши. Гласот е моќта на медиумот, оној кој нè поврзува, а не разединува!

Низ годините зад нас во секоја прилика го користиме правото и обврската да бидеме гласни во име на етиката во медиумското известување, во хаотично време во кое отворената трка за „лајкови" ги поттурна на маргините есенцијалните вредности и културата, вклучително и модата како форма на уметноста, на сметка на пропагирање сензационализам. А токму тука е нашиот предизвик и залагање: преку нашите страници да ги направиме видливи, речиси невидливите вистински вредности наспроти површинските и сериозно манипулативни содржини.

И до некаде успеваме во тоа, барем да бидеме „тригер" што ќе поттикне помасовен ефект. Меѓутоа, нашиот краен предизвик не завршува само до ниво на видливост, а повторно во сенка, туку она кон што целиме е културата, уметноста, едукацијата и образованието, да си го заземат заслужениот примат во секојдневието, како што му доликува на едно здраво општество. Некој ќе рече дека ваквото „романтично" размислување во нашите локални услови е утопија, ама ние се водиме по една поинаква „мантра" што вели дека нашето делување не е залудно и е глобално.

Замислуваме роденденска желба, дуваме 6 свеќички!

Објавено:
17 април 2019
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
551 пати