Се менува ли модниот ритам?

6 февруари 2016

Модниот ритам што го диктираат светските модни брендови добива нова динамика. Откако неодамна, креативниот директор на Барбери, Кристофер Бејли јавно се изјасни за промената на „политиката" на начинот и времето на прикажување на неговите колекции, сега на таков чекор се одлучи и Том Форд кој го откажа своето учество на модната недела во Њујорк закажано за 18-ти февруари.


Според новиот распоред, Том Форд својата колекција за есен-зима 2016 ќе ја прикаже во септември, непосредно пред почетокот на сезоната за која е наменета колекцијата, со што веднаш по ревијалната промоција ќе биде достапна во продажба.

„Живееме во еден моден систем и календар што припаѓа на друго време. Нашите купувачи денеска, сакаат колекција која што е веднаш достапна. Модните ревии и традиционалниот моден календар, какви што ги знаеме, повеќе ја немаат истата функција како некогаш", вели Том Форд за својата одлука.

Слична е и приказната со драстичната трансформација што ја направи и Барбери која со сигурност ќе ја промени комплетната структура на модниот бизнис. Бејли, наместо четири пати годишно според досегашната пракса, сега ќе има по две ревијални шоуа во годината на кои истовремено ќе бидат презентирани и машките и женските колекции кои наместо нивната сезонска класификација на пролет-лето и есен-зима, сега добиваат назив „Февруарска" и „Септемвриска". Со тоа, колекциите веднаш ќе бидат достапни во продажба по нивните промоции.

Оттука се поставува прашањето, дали дизајнерите на овој начин прават компромис со потребите на глобалниот пазар со цел да ја задржат профитабилноста на бизнисот? Со големата временска дистанца од неколку месеци, помеѓу промоцијата на колекцијата и нејзиното пуштање во продажба, од една страна се добива чувство дека колекцијата му припаѓа на некое друго време, а не на актуелната сезона, а од друга страна нелојалната конкуренција има доволно време да направи копии на оригиналите и да го раситне „колачот". Со ваквиот потег, модата од модните писти станува поблиска до публиката, односно купувачите, па на овој начин имаат можност директно ги искусуваат свежите дизајнерски идеи.

Дали и другите дизајнери и модни куќи ќе го следат првиот чекор што веќе го направија Барбери и Том Форд, останува времето да покаже, но во секој случај ритамот на модата е веќе променет.

 

Објавено:
6 февруари 2016
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
600 пати