Се навикнавме на филтрирана реалност, па вистината ни изгледа неприкладно и навредливо

13 октомври 2020

„Лажната среќа е еден од најлоште видови тага“ беше цитатот што ми се појави низ „Фејс книгата“ и ме поттикна на размислување. И ако Фејсбукот навистина го разгледуваме како книга, објавите што ги гледаме секојдневно, би можеле да се поделат во различни поглавја.

„Политички објави“, “Експертски“, „Беспрекорно селфи“, „Патувања“, „Вицови и слаб хумор“, „Хејтерски настроени“, „Споделувања исклучиво за наградни игри“, „Романтични објави - Моето се'“, „Деца и само деца“, „Среќно семејство“ итн...

Она што е поразително е што повеќето од овие произлегуваат од потребата да се биде дел од толпата, каде различноста се толкува како срамна, каде е подобро да се вкалапиш, отколку да покажеш дека калапите и не одговаат секому, да се претстави реалноста која многумина ја посакуваат, но ја немаат, па затоа ќе ја одглумат. Уште попоразително е што тоа е толку честа појава, што помладите генерации добиваат пример кој е се' само не реален. Тоа води до фрустрација, уште пониско ниво на самодоверба, страв од тоа да се биде поинаков, да се биде свој... 

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Insta Repeat (@insta_repeat) onApr 21, 2020 at 1:56pm PDT

Во конктест на ова, колку објавите на социјалните мрежи се "правени" под калап,  оди и приказната на една анонимна уметница од Алјаска, која стои зад профилот @Insta_repeat. Ако го разгледате, ќе видите дека се работи за збир на фотографии кои најчесто ги гледаме на Инстаграм и кои се повторуваат. Мета-клише.

Речиси тристотини објави се колажи на некои од најпопуларните фотографии на Инстаграм, со фокус на природата. Седење до езеро, веслање, ќебиња, шатори, пејзажи... 

Таа го креирала профилот со намера да предизвика „критика и дијалог за оригиналноста, уметноста, фотографијата и улогата на инфлуенсерите на социјалните мрежи“. Идентичните фотографии ги бара под ознаката #personaloneinwhewild, но паралелно следи разни инстаграм профили и „инфлуенсери“ кои својот животен стил го дефинираат како автентичен.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Insta Repeat (@insta_repeat) onFeb 20, 2020 at 11:44am PST

Нејзиниот интерес се природата и уметноста, но да побарате фотографии и под друга ознака - пиење кафе или фотографии од некое конкретно популарно место во Италија да речеме, резултатот ќе биде ист - илјадници речиси идентични фотографии.

За неполни два месеца таа успеа да собере нешто повеќе од 100.000 следбеници, позитивни коментари, но и не така ретки критики, бидејќи нејзиниот профил го сметаат за навредлив.

Интересно доживување/сфаќање/оценка на нешто на што почиваат сите социјални мрежи - копирање.

Но, од друга страна, изминатиов период многу се зборуваше и за спорната објава на Криси Тиген, која одлучи јавно да зборува преку текст и фотографии за загубата на детето.

Многумина оваа нејзина одлука ја коментираа како срамна. Сметаа дека тоа е приватно,  дека не треба да се споделува со јавноста и дека луѓето ќе направат се' само заради популарност и лајкови. За последново и би можела да се согласам, но не баш и во нејзиниот случај.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by chrissy teigen (@chrissyteigen) onSep 30, 2020 at 8:58pm PDT

Таа е веќе популарна, а нејзината објава допре голем број жени, посебно оние што за жал ја искусиле таа болка. Воедно, посочи дека, иако не би требало, особено бидејќи сите се декларираат како слободоумни, демократски расположени, сепак имаме и стереотипи и табу теми. Можеби токму тие нејзини форографии ќе поттикнат некоја жена да зборува за загубата и да ја отпушти тагата. 

И кој тоа одлучува како некој треба да тагува и да се справува со тагата?

„Сите среќни семејства наликуваат едно на друго, секое несреќно семејство е несреќно на свој начин...“ е многу добро познат цитат од „Ана Каренина“.

И да, ако Инстаграм е едно семејство, излегува дека сите исто се смеат, исто се среќни, вљубени, го имаат мажот/жената која е нивното се' како да немале идентитет и живот пред него/неа, сите одат на исти места, се' е супер, но кога камерата ќе се изгасне, секој тажи на свој начин. Криси одлучи да не тагува кога ќе ја изгаси камерата, а никој апсолутно нема право да ѝ каже дали е тоа правилно, без разлика дали би го направил истото или не.

Особено не оние кои постојано копираат нечиј живот, срамејќи се од својот, а со тоа срамејќи се и од својата реална среќа и тага.

Како тоа осудата е "на најјако" за мајка што изгубила дете, но не е за материјализмот, сексуализирањето на телото, сексизмот генерално, вулгарните фотографии, однесување, насилство, неправдата... Изгледа премногу се навикнавме на филтрираната реалност, па вистината ни изгледа неприкладно и навредливо. A филтерот „нарцисоидност“ е еден од најинтензивните, од кој не ги гледаме реалните бои и линии на сопствената "фотографијата“.

 

Објавено:
13 октомври 2020
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
1.201 пати