А што кога премалку станува премногу?

26 февруари 2021

Секој со својот пат, барем во тоа верувам. Навистина не можеме да ги споредуваме личните патишта на животот, бидејќи секогаш ќе најдеме нешто што нема да ни се допадне или нешто што ќе нè налути. Затоа, навистина – секој со својот пат.

Но, што ако патот по кој одиме навистина се чини сложен? Што ако изборите што ги правиме уште повеќе го комплицираат? Која е цената којашто можеби е превисока за сопствениот спокој? И конечно – дали можеби некогаш изборите коишто ги правиме го отежнуваат животот поради тоа што не се вистински? Се прашувам – кога е тоа време кога работите стануваат барем малку полесни и зошто еден пат се чини дека оди кон цел којашто секојдневно изгледа недофатлива?

Желби има секој човек. Некои желби се големи, а некои се сосема мали. Има и такви желби кои речиси ги имаме сите, и најчесто и на сите ни се исполнуваат. Тоа прави да веруваме дека тие желби ни следуваат, автоматски. Но, воопшто не е така. Тоа е најголемата заблуда. Тие желби никому не следуваат, едноставно луѓето имаат среќа да ги имаат. Тогаш, следува прашањето, што е со оние што ја немаат таа среќа? Дали постои нешто коешто тие луѓе можат да го направат? Дали постои разговор што лечи? Дали постои утеха? И крајно, возможно ли е тие неостварени желби да направат една долга и непријатна тишина? Можно ли е да нè раздели тагата, којашто очекувавме дека ќе биде среќа? Што ако се преценивме и едноставно не сме толку силни?

Честопати луѓето заспиваат во солзи и не кажуваат никому. Особено, не кажуваат на оној кој до нив спие. Не знам дали можеме да почувствуваме дека некој до нас плаче, но сигурна сум дека најверојатно би требало да знаеме кога нешто не е во ред. И иако товарот се дели на пола, сечие срце е посебно кревко. Можеби ние во еден момент треба да бидеме силни за двајцата, затоа што претходно било обратно. Можеби херојот се уморува, и ние треба да го преземеме неговото место. Можеби титулата на херој е нешто кое треба да си го подаваме, кој колку има сила, толку да се носи со тоа. Можеби еден човек не може постојано да биде истиот и можеби токму затоа е и создадена љубовта, да измисли нови начини со кои ќе се покријат раните со нешто убаво. И можеби само љубовта може да биде наша чиста и сигурна постела, на којашто со сите солзи ќе успееме да најдеме спокој и надеж за утро. Љубовта за себе, но и љубовта околу нас.

Можеби кога ќе одбереме да ја заборавиме љубовта, почнуваме да се однесуваме поинаку. Работите стануваат механички, а од нас се очекува само да одиме напред. Зборовите веќе не излегуваат од нас со леснотија, туку се кријат некаде длабоко и грицкаат. Станува монотоно, помалку досадно и неверојатно еднолично. Нема план, нема поглед кон нешто, ниту пак соништа. Нема ништо од тоа, или едноставно има премалку. А можеби кога има премалку, сето тоа станува премногу.

Одамна не се зборува за нештата поради кои навечер не заспиваме. Тоа нè убива нас, а така тагата секојдневно победува.

 

Ксенија Николова

„Верувам во втора, трета и стота шанса и во тоа дека човекот може да научи да живее среќно и со многу болка, а јас се додека се менувам секој ден, знам дека ќе бидам добро".

Објавено:
26 февруари 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
439 пати