Сите, ама баш сите, макар еднаш сме биле Бриџит Џонс!

21 април 2021

На 28 февруари 1995 година, во „Индепендент“ беше објавена колумната на тогаш непознатата Хелен Филдинг - напишата од аголот на млада, немажена жена која се вика Бриџит Џонс (години: 32, тежина: 58 кг), која живее и работи во Лондон.

Колумната стана популарна, Брижит препознатливо име, а авторката излезе од анонимноста. Во 2001 година, пред цели две децении, го гледавме и првиот филм за оваа измислена девојка, за која дозна целиот свет.

Ја засака и се препозна!

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Dosis de Cine (@dosisdecine)

Минатата година, Британките ја одбраа за најинспиративен лик од тв екраните - показател дека нејзината популарност не бледее. На второто место се најде Ерин Брокович , а меѓу десетте најпопуларни немаше ниту една жена супер-херој.

Во ерата кога доминираат токму такви тв и филмски ликови, кога сведочиме на стремеж кон едно сосема поинакво совршенство, Бриџит останува доминантна хероина со сите несовршености.

Можеби овој податок за некого е изненадување, но всушност треба да чувствуваме радост. Тоа значи дека жените сè уште ја преферираат реалноста. Но, истовремено е и уште еден „крик“ кон потребата да не се чувствуваме осамени, да знаеме дека има уште некој како нас...

Бритиџ од 2001 година се бореше со килограмите. Витката линија тогаш беше „императивот за прифатлив општествен изглед“.

Бриџит од 2001 година посакуваше семејство. Љубов. Имаше комплицирани љубовни врски. Многу цигари, а шампањот ѝ беше многу многу сладок. 

Во 2001 беше во раните 30-ти со вперен прст накај неа поради тоа што е сама и сè уште не е мајка.

Бриџит од почетокот на новиот милениум посакуваше кариера и се соочуваше со малограѓански, па и шовинистички коментари на работното место.

Таа Бриџит беше кралица на несмасноста, на незгодните ситуации, на тоа што значи да се биде несовршен. Таа Бриџит беше реална!

 

20 години подоцна?

Не сум сигурна дали воопшто би водела дневник, таа форма се смета за изумрена, сега социјалните мрежи се новиот „дневник“.

Бриџит Џонс од 2021 би била веројатно поприфатена со килограмите, но би се стремела да има што поголем задник/деколте/усни (одбери едно или сите три), бидејќи тоа е новиот и доминантен императив за убавина.

Бриџит Џонс од 2021 се' уште би имала комплицирани врски, но не би брзала да основа семејство. 

Би се соочувала со истите „плескања по задник“ или коментари за нејзините гради, но не би ги толерирала толку, иако ни денешната жена не е сè уште доволно храбра веднаш да реагира и да посочи со прст кон оној што тоа и го заслужува, но на пат е да ги менува нештата. 

И во 2021 година би се соочувала и со прашањата кои не треба да бидат поставени: „Како немаш дечко“, „Дете кога?“, „Свадба кога?“, “Биолошкиот часовник отчукува, што мислиш?“...

Повеќето би рекле дека Бриџит од 2021 не би била толку патетична single lady, не би голтала солзи, не би гледала романтични комедии и не би ја слушала Витни Хјусотн - бидејќи, сега е пофокусирана на кариерата и на себе. Времето е пари!

Сепак, иако можеби многу од жените кои се препознаваат во овој лик не би признале, потрагата по љубов никогаш не престанува. Можеби тоа што таа претставува кај некого е различно, но потребата да бидеме сакани, онакви какви што сме, секогаш е присутна.

Потребата да кога ќе влезете дома не морате веќе да го носите штитот што го имате на работа, со луѓето што ги среќавате, во општеството, е постојана и ослободувачка.

Бриџит покажа дека е ок и да се биде несовршен.

Дали е ок и во 2021? Да, само што немаме нова Бриџит да го покаже тоа.

Но, тука е „старата да потсети.

Сите, ама баш сите, макар еднаш во животот сме биле Бриџит!

Можеби и најважно од сè - Брижит покажа заразна желба за живот! Вистински живот, онаков каков што таа го замислува и посакува, каков што срцето ѝ шепоти, дозволувајќи си и да фантазира и да биде „шлапната" од реалноста. 

И тоа е пораката до сите денешни и идни Бриџит Џонс - да останеме доследни на себе и да не престанеме да веруваме во љубов, оптимизам, убавина. Да не престанеме да веруваме во животот. 

Во време кога гледаме како тој се сведува на само уште еден број од статистиката, навистина треба да сме  благодарни за она што го имаме - совршено и несовршено - и да се прегрнеме себеси, пред да почнеме да се соочуваме со светот. Секојдневно.

Објавено:
21 април 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
710 пати