Со другарките ги коментиравме најпопуларните Тикток хеланки за зголемување задник...

5 мај 2021

Платформата Тик Ток постои четири години, има неброено многу бизарности, но исто така, ако гледаме во модна смисла, неверојатно бргу може да направи нешто да биде тренд. 

Не зборуваме (уште) дали е тој тренд добар или не, но факт е дека бројот на луѓе на оваа платформа е огромен и затоа и не може да ги обвиниме дел од брендовите, како на пример „Баленсијага“, што се одлучија да ги пласираат своите новитети и тука.

Но, и покрај тоа што ова ми е познато, морам да признам дека податокот дека ознаката #tiktokleggins односно #тиктокхеланки има преку 495 милиони прегледи малку ме шокираше. Речиси половина милијарда за хеланки! И не, не се (само) за вежбање.

Во случај да не сте упатени, се работи за хеланки за “обликување“ на задникот. Нивното оригинално име е Seasum хеланки, со висок струк се, но попознати се како „Тикток“ хеланки. Имаат текстура, а во задниот дел и набори, а сето тоа придонесува визуелно да го зголемат задникот.

Првично, ваков модел хеланки се појавија на Амазон, чинеа околу 30 долари и беа наменети за јога, а сега се наменети, би рекла, исклучиво за истакнување на задник, па колку понесразмерна пропорција, толку поголем број прегледи! Да живеат новите стандардни на убавина!

Да биде работата уште побизарна или посериозна, ако сепак се задлабочиме, социјалните мрежи, не само Тикток се преплавени со видеа во кои девојките овие хеланки ги презентираат на своите партнери, па дури и ги нарекуваат и модел „одобрен од мажите“.

@abbieherbert_

THE END OMG! ##tiktokleggings ##leggings ##viral ##surprise ##react ##couplegoals ##fyp ##4u ##pregnant ##sass ##trend

♬ Monkeys Spinning Monkeys - Kevin MacLeod

А јас побарав да видам дали ќе бидат “одобрени“ од моите другарки. Сите се со различна градба, различен стил, а некои од нив и на различна возраст.

Започнавме онлајн дискусија. На секоја од нив им пратив по видео и фотографија од овој ултра популарен тренд и ги чекав нивните мислења. 

И еве какви добив:

Другарка 1: Најискрено, дека ќе се “потегнам“ да ги купам, па и не баш. Не знам дали ми требаат. Немам потреба од  поголем задник. Ама, ако некој сака зошто да не... Убаво изгледаат во секој случај.

Другарка 2: Ме зезаш нешто ?

Јас: Не, сериозно те прашувам, зошто?

Другарка 2: Па знаеш дека никогаш не би ги облекла.

Јас: Зошто да не?

Другарка 2: Мене одвратно ми изгледа девојка со несразмерен задник. Отсекогаш повеќе ми се допаѓало регуларно тело со свои недостатоци, отколку фитнес тело со потенцирани делови, било да е задник, гради, мала половина, големи усни... Ист ми е ставот и за мажи. Повеќе би “паднала“ на дечко со регуларна градба, но со стомаче, спојлерче...

Другарка 3: Види, јас не би ги носела, затоа што ми се too much! Хеланкиве ми се како пандан на пуш-ап градник, а тоа сум носела.

Јас: Добро и јас сум ги носела, ама секако во двата случаи, лажеш за изгледот :)

Другарка 3: Но, мислам дека се супер за девојки што имаат ептен сплескан задник.

Другарка 4: Леле, се' што е тикток видео, автоматски не сакам да отворам. Ама ти ги отворив хеланкиве да видам за што ме прашуваш. Искрено, јас не би ги носела, затоа што нема да се чувствувам пријатно толку да ми се оцртува задникот. 

Другарка 5: Па реално, малце безобразно ми изгледаат :) За на вежбање, ок, ама вака имаш право, ни мене не би ми било пријатно.

Другарка 4: Па, не е пријатно, башка знаеш дека паѓаш во очи :)) Многу на сексапил “удираат“, мене би ми било незгодно да ги носам, но сите ги носат и гајле немаат. Башка тазе мајка сум, со вишок килограми, мислам дека кога би ги облекла сите би рекле, види ја мајкана со огромниов задник!

Јас: Мене ми изгледа како тоа да е целта. Како дизајн, не е дека се толку грди, но начинот на кој се пласираат ми е тотално евтин и без естетика.

Другарка 5: Што знам јас би ги пробала сепак, да видам дали навистина имаат таков ефект. И ако ми се допадне, би ги носела, ама само на вежбање. Би ги носела, во соодветен контекст - сите сакаме да си ги истакнеме атрибутите :) За дополнителен допамин - скватови :)))

Другарка 6: Ако имаш добар, извежбан задник, се гледа и во фармерки :)

Другарка 1: Да, ама за тоа треба да се „убиеш“ од вежбање, што да бидеме реални е тешко, вака си облакаш хеланчиња и готово :)) 

Другарка 6: Ма јас не! Не ми треба push up за инста фотки или видеа да провоцирам мажи. Мислам дека ја преминуваат границата и даваат нереална слика.

Јас: А кога ќе ги видиш на девојка, не ти изгледа некоја во нив убаво?

Другарка 6: Ми изгледа провокативно, не како да одиш да вежбаш, туку баш да привлечеш внимание...

Другарка 1: Сигурна сум дека маживе и не мислат како нас...

 

Истиве хеланки им ги покажав и на шест другари. Ги прашав, како им се допаѓаат и што би помислиле кога ќе видат девојка во вакви хеланки.

Другар 1: Сè најдобро!

Јас: Секси ти се? 

Другар 1: Дааа! Воопшто не е вулгарно. Не може жена да е крива за телото.

Јас: Овде велат “магијата“ е во хеланките.

Другар 2: Зависи кој ги носи :)) Не може баш на секоја девојка добро да ѝ стојат.

Другар 3: Не е проблемот во хеланките, туку во позите што ги прават. Не би бил среќен ќерка ми да ги носи, на пример. Но, добро градена девојка во хеланки е секогаш ок.

Другар 4: Се сеќаваш на трендот кога се носеа танги со бели хеланки во теретана? Хеланкиве не се ништо спектакуларно. На се' треба да му се знае местото.

Другар 5: Не би се бунел девојка ми да ги носи. Да се разбереме секој сака да види убаво тело и привлечно. Не сум за претерување во пози, но факт е дека привлекуваат внимание.

Другар 6: Нема таинственост во хеланки. Башка, со вакво форсирање изгледаат како да немаат ништо друго да понудат, па ајде сега телото ќе го форсираме.

 

Нивниот заклучок беше дека, без оглед што има девојки што се многу повеќе од добро тело, сепак кога некоја девојка нападно би го форсирала овој атрибут, тоа често значи дека сака внимание и тоа не само во облик на лајкови. 

Но, ова уште повеќе го отвори прашањето, дали ние самите сме виновни за тоа што телото на жената се објективизира? Кога велам самите, мислам на она што одбираме да го следиме, она што ни се наметнува како тренд, она што прифаќаме да го примениме... Или пак и предрасудите и стереотипите си создале своја удобна лулка, па дури и кога можеби нема потконтекст, ние го бараме - независно дали се работи за атрибути или начин на облекување, однесување...?

Во човековата природа е да му годи внимание. Но, секој тоа внимание различно го сфаќа, а социјалните медиуми и платформи направија да изгледаме и премногу жедни. Но, и од премногу вода наеднаш знае да ни се смачи...

 

Објавено:
5 мај 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
16.741 пати