Кон крајот на мај годинава, фановите на мегапопуларната Netflix серија „Stranger Things" конечно можеа да ја погледнат долгоочекуваната четврта и (засега) последна сезона од сагата на Елевен (Мили Боби Браун) и нејзините пријатели. Браќата Дафер кои стојат за овој грандиозен проект, уште еднаш успешно ја оправдаа целата возбуда што континуирано се гради уште од почетокот на првата сезона која се премиерно се појави на нашите мали екрани во 2016 година.
Приказната за групата млади пријатели од 1980-тите во Индијана, кои пред неколку години станаа сведоци на натприродни сили, изгубија важни луѓе од нивните животи, открија тајни владини подвизи и низа необични мистерии, во следните три сезони продолжи да се продлабочува низ развојот на карактерите, нивните меѓусебни односи и спознанието за она што се случува во „превртениот свет" (The Upside Down).
И кога би помислиле дека нема што повеќе да се види во четвртата сезона, браќата Дафер докажуваат дека, иако е премногу тешко да ја изненадиш публиката со веќе етаблирано шоу, сепак е возможно. Ова четврто продолжение доаѓа во два дела, од кои првиот ја задржува класичната формила на серија од 7 епизоди, додека пак финалето има само две кои со своето врмеетраење од 85 и 140 минути претставуваат засебни долгометражни филмови.
Фото: The Verge
„Stranger Things 4" е несомнено најмасивната и најамбициозната сезона од сите досега, почнувајќи од бројката на карактери која континуирано расте, па сè до самата продукција и сè подлабоката темнина кон која се движи приказната. Наедно, ова е и најмрачната сезона од четирите, а самите браќа Дафер ја нарекоа нивната „Game of Thrones".
Сезоната овој пат следи неколку различни приказни поставени на различни локации. Семејството Баерс заедно со Ел која ги изгуби своите моќи се наоѓаат во Калифорнија и се справуваат со проблеми од „регуларниот живот", Хопер (Дејвид Харпер) е се уште во рускиот затвор каде болно страда додека се обидува да ја пренесе својата порака дека е жив до Џојс (Винона Рајдер) преку потплатен руски чувар, а групата од Хокинс, иако далеку посозреана и поподготвена, се уште се занимава со „превртениот свет".
Низ дијалози и флешбек сцени, браќата Дафер успешно ја потсетува публиката на се што се случуваше во изминатите три сезони, а наедно претставува и уште една свежа група карактери, меѓу кои и Еди (Џосеф Квин), Аргајл (Едвардо Франко), Криси (Грејс Ван Диен), Џејсон (Мејсон Дај), Димитри (Том Влашиха) и Јури (Никола Ѓуричко), и секако, „нов" негативец - семоќниот Векна (Џејми Кемпбел Бауер).
Фото: Variety
Иако овој лик за прв пат се појавува во оваа сезона, неговото постоење во позадина е всушност 'рбетот на сето зло кое дивее уште од самиот почеток. Векна е главниот виновник за постоењето на „подземниот свет" и уништувањето на регуларниот свет, манипулатор во вистинска смисла на зборот, кој преку грозоморни убиства бара одмазда. Но дали ќе успее зависи од тоа дали Ел, ќе успее да си ги врати моќите.
Во меѓувреме, по Ел е испратена потера затоа што се смета за главниот извор на опасност за светот. Наместо во ќелија, таа ќе заврши киднапирана и присилно држена во подземна лабораторија, каде ќе биде принудена да се соочи со лица и духови од минатото. Паралелно со главните случувања, четвртата сезона длабоко се занимава и со ликот на Макс (Сејди Синк) и нејзините трауми, особено преку епизодата „Dear Billy" каде овој лик добива една нова димензија и значење; Лукас (Кејлеб Маклохлин) се бори со својата желба да стане видлив и дел од групата на популарни деца кои пак се во потрага по бруталниот убиец кој пустоши низ Хокинс; Стив (Џои Кири), Ненси (Наталија Даер), Робин (Маја Хок), Дастин (Гејтен Матаразо) и Ерика (Праја Фергусон) се обидуваат да го избелат образот на Еди кој е неправедно обвинет за сатанистички ритуали; Мајк (Фин Волфард), Вил (Ноа Шнап), Џонатан (Чарли Хитон) и Аргајл ја бараат Ел, додека Вил се бори со својата емотивна состојба, сексуална ориентација и невозвратена љубов, а Џојс и Мареј (Брет Гелман) одат во Русија да го спасат Хопер.
Фото: Netflix
Но, што поблиску е Ел до враќањето на своите моќи, толку поблиску е и Векна до остварување на своите цели, што го доведува крајот на првиот дел од сезоната до точка на вриење. Од првата епизода, па натаму, тензијата непрестано расте и не му дозволува на гледачот да земе здив, но тоа се менува во финалето на сезоната, каде речиси по секоја сцена исполнета со крв и терор, следи друга, емотивно разголувачка. Овие процепи низ хоророт на „Stranger Things" ѝм служат на ликовите да ги искажат своите мисли и чувства кои дотогаш немале можност. Можеби затоа што секој од бројните ликови кои се појавува во оваа сезона е свесен за ужасот кој демнее од секој агол и дека неговото „утре" не е загарантирано. Низ овие дијалози, браќата Дафер отвораат и вечно актуелни теми, како малолетничкото насилство, себеприфатеноста, моќта на семејството и заедницата, менталното здравје, храброста и пожртвуваноста, опасноста од предрасудите, како и потребата да се зборува за сексуалната ориентација.
Финалните две епизоди од сезоната се несомнено најтензичните и најемотивните, а секој удар кој има цел да боли - и тоа како боли. Ефектот е уште појак кога во контраст доаѓаат и брилијантните хумористични моменти. Но, иако публиката губи сакани карактери и некои од нив никогаш не доживуваат да ја видат правдата на нивна страна, се чини дека браќата Дафер сепак играат на сигурни карти и никоја смрт на главните ликови не се чини финална, со што постои ризик публиката да изгуби интерес и вистинска грижа за безбедноста на ликовите. Дел од фановите на „Stranger Things" исто така пројавија разочарување во однос на енормната бројка на карактери, „надуеното сценарио", долгите монолози и испуштени детали околу самиот крај на последната епизода. Но, можеби одговорите допрва следат во веќе најавената петта сезона.
Фото: Seeker
Сепак, и покрај сите недостатоци, оваа четврта сезона сепак стабилно се држи на врвот како најдобрата. „Stranger Things 4" е докажано визуелно ремек дело со неверојатни специјални и практични ефекти, беспрекорен колорит, феноменална шминка и костими, незаборавни сцени (една од нив вклучува електрична гитара во „превртениот свет"), одлична глума и прекрасна листа на рок и поп хитови од 80-тите, меѓу кои „Running Up That HIll" на Кејт Буш, „Master of Puppets" на Metallica, „Separate Ways" на Journey, „You Spin Me Round" на Dead or Alive, „Detroit Rock City" на Kiss, „Psycho Killer" на Talking Heads, и многу други.
Вистинскиот успех на „Stranger Things" се чувствува во тоа што и покрај долгата минутажа на финалето, ниту една од епизодите не делуваше предолга, а публиката е веќе гладна за повеќе. Браќата Дафер велат „петтата сезона ќе пристигне побргу отколку што очекувате", па...ќе се обидеме да останеме трпеливи.
Фото: denofgeek