Tinder Swindler: Дали „Дизни“ ни направил сериозен проблем?

19 февруари 2022

Кога некое остварување е екстремно популарно, често ни се случува да имаме аверзија и да не бидеме меѓу првите што ќе го погледнат. Таков беше случајот и со документарниот филм на „Нетфликс“, „Tinder Swindler“.

„Нетфликс“ е во состојба да направи филм и серија од буквално секаква приказна, па затоа не сè што добро котира на оваа платформа е и вредно за погледнување.

Сепак, после повеќе препораки и различни коментари, го погледнавме документарниот филм за измамникот Сајмон Левиј и неговите жртви. Накратко, тој ли лаже девојките дека е син на милионер, кој поседува компанија за дијаманти, на тиндер девојките им презентира луксуз, кој всушност доаѓа од нивните пари. Од парите на едната жртва, ја лови другата итн...

Веројатно има нешто во женскиот код што без разлика во кое време живееме, макар еднаш во животот ќе помислиме:

♥Дека можеме некого да смениме

♥Квалитетно ќе се зезнеме

♥Ќе веруваме дека ќе ни се случи филмска љубов, љубов од бајките (и повеќе од еднаш)

Освен ова, филмот буди уште неколку теми, провокативни за анализа.

1. Интересно е како  после овој филм, не се коментира толку фактот што тој помина речиси без последици - повторно е богат, има огромен број нови следбеници, помина само 5 месеци во затвор и не ги обештети девојките кои ги измами, колку што се коментира како се тие „глупави“, „го добиле она што го барале“, „нека позајмуваат пак“, „тој само такви чекал“, „тоа се вика лесен морал“ итн...

Повторно удривме по жртвата, иако шансите секој од нас макар еднаш во животот да згреши во проценката на некој човек се големи и реално постоечки и се случиле - со различен спектар на штетата што ќе ни ја направи. Не се анализира толку каков манипулатор и социопат е тој, колку што се анализира „фактот“ дека Сесили, Пернила и Ајлин се „спонзоруши“.

Во еден дел од филмот, Сесили вели: „Како сум јас спонзоруша, кога земав кредити и му позајминв речиси 300.000 долари. Таквите, ни долар не би дале“.

Да има некаква скриена камера со слично сценарио, бројот на жените што би паднале на истата финта, веројатно би бил далеку поголем, без оглед што на тастатура сите се паметни.

2. Освен потребата за етикетирање, линчот и неправдата, филмот ја отвора и приказната за потрагата по принцот на белиот коњ.

„Сите би сакале да ја сретнеме вистинската личност во некоја продавница, или кафуле, но тоа не се случува“, вели Сесили, која ја барала на Тиндер. Воедно, таа раскажува и какви фотографии се добри за оваа платформа и со тоа ни кажува дека врз основа на шест фотографии вие треба да се прикажете како личност која има пријатели, има некакви интереси, сака плажа или патување...

Шест фотографии сосема доволни да ја имате најлажната слика за некого. Ако сме се зезнале во „реалниот“ живот, зборувајќи или живеејќи со некого и не сме можеле да го запознаеме до крај, како е можно виртуелното да ни е доволно?

3. И тука веќе се ѕирка и следната тема која филмот ја опфаќа - верување во бајки.

Уште како деца, ние се соочуваме со бајки во кои доброто и лошото се строго дефинирани, а среќниот крај е загарантиран. Потоа, гледаме филмови како „Слугинката од Менхетен“, еден од првите што ни паѓа на ум, кои се само екранизирана и помодерна верзија на она што сме го читале како деца.

Тој синдром на “спасена жена“, на Пепелашка, заедно со „непоправлива романтика“, „вечна и силна љубов“ е и општествено-идеолошка проблематика.

Дали „Дизни“ ни направил сериозен проблем за реалната или макар рационална перцепција на нештата?

Светот секојдневно ни плеска во лице дека многу од работите, не само од морална природа, туку и емотивна, општествена, тука би ја спомнале и доминацијата на патријархатот итн, на кои сме се изградиле се мошне погрешни и дека честопати сме во заблуда. 

Не е проблемот што трагаме за среќа, взаемна љубов, особено во време кога сè станува интерес спакуван во целофан (а некогаш и без него), разбирливо е и во нашата природа е, но  проблемот оди во насока -  до кој степен ги креваме нашите очекувања и желби? Колку долго ни е удобно да гледаме низ розови очила, а кога почнуваат очите да нè болат?

Современиот концепт на себепрезентирање е базиран на лага - користиме филтри, фотографии во кои не изгледаме така како што изгледаме, не звучиме исто, а ако не сме искрени во надворешноста, зошто воопшто би гребеле под површината кога ништо не е како што изгледа? На крај, ние не гледаме личности, гледаме само фотографии кои најчесто се супер средени и напумпани, како што е напумпана и нашата несигурност.

Оваа наивност и надеж на измамените девојки, да си дозволат да поверуваат дека „и мене може да ми се случи нешто бајковито“ од една страна пушта зрак на простодушност, некоја чистина, но од друга порачува дека таквото функционирање во модерните приказни не е добро „оружје“.

Затоа, можеби е време да заборавиме на „Дизни“, на „Убавицата и Ѕверот“ или „Пепелашка“ или „Малата сирена“ да сфатиме дека нема секогаш да  имаме среќен крај, уште повеќе да сме свесни дека како што вели др. Хаус, „сите лажат!“. 

И после ваква отровна бајка, што е реалност денес за овие три девојки што ги запознавме преку филмот?

Реалност е дека жена на жена сепак може да ѝ биде сила, па женската солидарност може да направи чуда. Да не беше таа, листата на жртви на Сајмон ќе беше далеку поголема. Реалност е дека Сесили се суди со четири банки, Пернила ја загуби сета заштеда од 45.000 долари и почнува од нула, а Ајлин на мошне интелигентен начин, ја продава облеката на Сајмон и така ги решава своите проблеми. Она што во филмот не е прикажано, а е дел исто така од нивната реалност, е дека Сесили и Пернила биле и во психијатриски установи обидувајќи се да го надминат она што го преживеале. Реалност е и дека двете се сега одлични пријателки, кои се во контакт и со Ајлин, а Сесили дури и има здружение за помош на жртвите од слични измами.

 

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Cecilie Fjellhøy (@cecilie_)

Трите неодамна покренаа и кампања на GoFundMe, со надеж дека ќе успеат да добијат помош и да отплатат макар дел од долговите.

 Инаку, постојат шушкања дека „Нетфликс“ работи на нов документарен филм, овој пат раскажувајќи ја страната на Сајмон Левиј, односно Шимон Хајут, како гласи неговото вистинско име.

Објавено:
19 февруари 2022
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
491 пати