Три дена за жалост, а безброј за тага и непребол

23 ноември 2021

Животот е искра светлост помеѓу две празнини - темнината пред раѓањето и темнината на смртта“.

Една искра е почеток на оган во кој исчезнаа други 46 искри...

Колку и да бараме зборови, сега ги нема. 

На тага човек занемува.

Што да кажеш на човек кој веќе никогаш нема да си го слушне гласот на детето, сопругот, таткото, сестрата... 

На човек кој никогаш нема веќе да го прегрне своето чедо.

Куќа ќе изградиш, кола ќе купиш, храна ќе спечалиш - човек не можеш да вратиш.

Што да кажеш за луѓе кои тргнале на пат, но не знаеле дека е пат кон бесконечноста...

Себично ли е ако помислиш и се прашаш дали ти го сфаќаш животот здраво за готово?

Дали грижите што ги имаш се оправдани?

Дали силата, емоцијата, енергијата што ги трошаш се за вистински нешта и луѓе?

Не можеш да не се сетиш на празнината која ти ја создале сопствените загуби. 

И да си речеш што би дал да ми се јави сега и да ме праша дали сум добро и дали стасав...

Не можеш да не се намрштиш на сите обиди за политички поени, популистички статуси, лоши новинарски наслови - да не се намрштиш за сета неискреност во време кога за жал владее една од најискрените и најтешки емоции  - тагата...

Насмевка и можеш да одглумиш, но солза не.

Солзата остава подлабока бразда. Не само на образот, челото, остава бразда на срцето, а тие се засекогаш.

И ништо од ова што пишуваме не им е важно на овие стотици луѓе. Ниту им беше на оние во Тетово или оние кај Ласкарци или сите други што доживеале ваква  несреќа.

Пишуваме од немоќ. Од лутина. Од што сега не знаеме што повеќе да направиме.

Ќе помине и тридневната жалост и спуштените копја, но животните копја во многу срца ќе бодат засекогаш.

Да престанеме да импровизираме, да не дозволиме да се обоиме повторно во црно - како луѓе, како земја...

Да не биде секое чудо за три дена, секоја жал за три дена...

Да не исчезне емпатијата, љубовта, почитта, грижата...

Да не исчезне совеста.

Да не исчезне желбата да учиме од грешката.

Да не се повтори истата.

 

Објавено:
23 ноември 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
251 пати