Туѓи перја – „моден евергрин“

3 јули 2021

Веројатно покрај џинсот и малиот црн фустан, и туѓите перја останаа најотпорни на времето и тенденците што тоа ги носи.

Во различни епохи и во уште повеќе контексти, луѓето обожувале и обожуваат да се китат со туѓите перја.

Не знам дали тоа може да се препише на човековата природа, карактер или снаодливост, па дури и вештина полесно или позабележително да се помине во одредена ситуација благодарение на туѓиот труд, но која и опција да е валидна, факт е дека туѓите перја сè уште поминуваат. И тоа како...

Низ историјата, туѓите перја ја трансформирале својата форма, пакувањето, визуелниот идентитет, но во својата суштина секогаш значеле злоупотреба.

Совршено си ја наоѓале својата примена во нефер игри за освојување на троновите, а сосема идентично е и денес само во модерна верзија. Некаде се носат и како пропишан дрес код, а некаде како униформа... Опциите се навистина инспиративни.

Во Норвешка актуелен е новоизгласаниот закон со кој сите јавни личности и инфлуенсери ќе бидат задолжени да ги означат фотографиите кои се ретуширани, затоа што студиите покажале дека „совршеноста“ што тие ја сервираат негативно влијае на самодовербата особено кај младите луѓе.

Би било супер и на туѓите перја да стои етикета: Не се мои! Ама тогаш им се губи поентата и вредноста, па веројатно тие што гордо парадираат со нив никогаш нема да им закачат таква декларација.

За жал, наспроти идејата на модата да го разубавува човекот и да му понуди избор да се чувствува убаво во сопствената кожа, феноменот на туѓите перја е комплетен опозит на таквата мисија. Тие огрдуваат, обезличуваат и никогаш не ви се таман.

На крајот од денот има еден проблем што ги засенува сите придобивки на туѓите перја: никогаш нема да се чувствувате пријатно и удобно во нив, едноставно затоа што се туѓи и доволно е што вие го знаете тоа.

Објавено:
3 јули 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
539 пати