Формално ама шик, елегантно, но модерно. Доволно впечатливо да го задржи погледот, но сумирано во рамка која не го одвлекува вниманието. Смирена база со суптилни детали. Безвременски основи со модерни детализирања. Можеме да даваме дефиниции и да теоретизираме до бескрај за тоа каков треба да е дрес кодот на тв лицата. Тоа се сепак само зборови кои секој може да ги протолкува според својата сопствена естетска визура. Но, работата е едноставна и јасна. Тв лице е професија која ултимативно изискува работна облека, униформа од посебен вид. А тука потребата говори дека се работи пред се за суштина која е знаење, а кое секако подразбира осет, талент, искуство и осознавање, односно посебна дејност, професија сама за себе, која се нарекува стилист. Апсурдно е , бесмислено и недоветно да се очекува од оние кои се осмелиле и на кои им е овозможено да се истопорат пред камерите да бидат умешни во осмислувањето на својата ТВ појава. Би било убаво ама секако утописки, кога сите телевизиски персони иманентно би поседувале истенчено естетско чуство и би се одликувале со особен стил . Но, рака на срце тоа не спаѓа во описот на работното место, презентер, водител или новинар кој се појавува пред камера.

Визуелната појава на тв фаците како дел од од севкупната слика која се емитира од тв екраните треба да е предмет на посебен третман, исто како што е светлото, звукот или режијата. Ниту помалку ниту повеќе. И време е конечно сите тв куќи од ред , да го осознаат тоа како приоритет. Ама и самите тв актери. Апсурдно е, бесмислено и неблагодарно да се коментираат успешните и катастрофите од тв пројавите, зошто кај сите од ред тоа е оставено како прашање на среќа-кој како ќе се снајде. И ако сакаме да бидеме искрени до крај, дури и во случајот на најуспешните не постои дефинираност до крај. За катастрофите пак (кои за жал доминираат на екраните), коментарот е едноставен-го навредуваат гледачот. И она што неизоставно треба да се потцрта во описот на ваквите ексклузивни работни места , (зошто визуелната појава значи и посебна привилегија, но и особена одговорност, што ќе рече –не може секој да се појави на тв екраните) е дека тие изискуваат работна облека која најмалку зависи од нивниот вкус, сфаќања , ставови и особено желби. Тоа без исклучок треба да го одлучува професионалец кој тие беспоговорно треба да го испочитуваат, континуирано, неизоставно и изискувачки.

Ова пак од своја страна го наметнува уште понеблагодарното прашање за профилот на оваа професија, односно нејзиното осознавање и препознавање во средина која уште не расчистила со основната терминологија па се уште фризерите ги нарекува (под нивна сопствена иницијатива) стилисти. Она опкружување кое на секоја самоименувана појава со желба и сомнителен кредибилитет и скромен талент и го овозможува тоа. Од таму веројатно и произлегува парадоксот приватните бројни продукции (секоја чест на исклучително ретките исклучоци) кои би требале да бидат промотори на оваа неопходност, не умеејки да ги препознаат вистинските професионалци , всушност да се најголемите сејачи на кичот. И уште поголемиот парадокс кој вели дека квантитетот и по толку изминато време не изроди квалитет, напротив. Не дозволи преголемиот број на телевизии во македонскиот етер денес да не благословат со облагородена естетика со која гледачот би се поистоветил, би се почуствувал почестен , инспириран и поттикнат. Онака како што е отпечатено во меморијата на гледачите кои имаат среќа да ги паметат со силен респект телевизиските лица од пред 30тина и повеќе години, кога ништо па ниту изгледот не беше оставено на случајот.

Снежана Богдановска Сани

Објавено:
9 октомври 2015
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
649 пати