Висока мода овде и таму

5 јули 2018

Автор: Небојша Толески Моментално во Париз се одржува најпознатата модна недела на висока мода. Настан од наjвисок ранг на кој се претставуваат највлијателните од највлијателните дизајнери, парада на филмски ѕвезди и музички диви, моден спектакл најдобар по својата конституција. Таму нема импровизации. Се е сведено на совршенство од кое запира здивот. И секоја година е скоро исто. Високата мода е битна за човекот бидејќи помага да ја разбереме природата на времето во кое моментално сме.

Иако напредува и назадува, заедно со човештвото, сепак на одреден начин претставува огледало на историјата и сегашноста, па дури и предвидување на иднината на човечкиот род. Нема дилема дека е спој на нови, крајно уметнички идеи во облекувањето и нуди најквалитетна изработка. Иако денес со напливот на прет- а портер модата (спремно за носење) се помалку има висока мода, тоа не значи дека ја нема. Дизајнерите генијалци секогаш наоѓаат начин одново да ја препородат. Да, се работи за многу скапи парчиња со цени од илјадници па се до неколку милони долари, ама процесот на израбтока кој за еден фустан одзема и по неколку месеци, најчесто целосно рачно изработен, со уникатен материјали и дезен, над кого се „тресат" и по 15 професионалци моделари, не е мала работа. Се верува дека во светот само 100 жени носат висока мода и можат да ја платат. Тоа се арапските принцези, членовите на кралските семејства и по некоја филмска ѕвезда.


На овие простори нема висока мода. Никогаш ја немало. За такво нешто е потребно многу! Фер е да се каже дека одредени парчиња кои се изработуваат допираат до високата мода. Но, овде високата мода може да создаде одреден проблем кај дизајнерите. Обично клиентите ќе видат фустан од високата мода кој го носи некоја дива и доаѓаат кај дизајнер да им создаде таков или сличен. Дали знаете дека Сваровски кристалите кои се употребуваат во одредени делови на фустан од висока мода не се исти како овие овде. Тие се посебно брусени, поинаку светкаат. Таков материјал не можете да најдете нигде, такви цветови кои се прават со калапи не постојат нигде, позлатениот вез е навистина позлатен или златен, а да не зборуваме за аплицирање на дијаманти.

Треба да бидете свесни дека никогаш нема да го добиете истиот ефект на фустанот кој го сакате. Од друга страна, зошто да не се препуштите на инспирацијата на дизајнерот да ви создаде креација токму по ваша мерка, која ќе ви стои, ќе биде уникатна и во неа ќе бидете вие и никој друг. Дизајнерите се отворени за соработка, па можете да си ги кажете и вашите идеи и замисли, па сето тоа заеднички убаво да излезе. Можеби нема да носите висока мода, ама ќе носите нешто во кое знаете дека е смислено, креирано и својствено за она што го отсликувате пред другите како појава. А, да го имате парчето за кое сте сонувале, при тоа да ви стои совршено, со дизајнерски печат и ваша насока... е остварување на сонот кој не е секогаш висока мода и не треба да е. Многу е скапа!

Објавено:
5 јули 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
561 пати