Возрасните модели во подем во светот, а во Македонија?

26 октомври 2021

„Модната индустрија доживува револуција“ - честопати слушната реченица, посебно изминативе две години. Да, промени има, не се случуваа брзо, посебно не може да се спакуваат во последниве две години, но стануваат видливи. И тоа не се однесува само на еко-модата, одржливоста, фокус на минимализмот и слично. Регулирањето на законот за премногу слаби модели во Франција и други европски држави, изјавата на „Вог“ дека нема да најмуваат повеќе такви девојки, „плус-сајз“ манијата, па последните трендови за природен изглед, како и враќањето на возрасните или age plus модели на голема „врата“, се меѓу оние што ни паѓаат први на ум.

Еден од најпознатите женски модели, од времето кога таа категорија почнува да заживува во Македонија, Снежана Богдановска- Сани, неодамна објави две фотографии.

„Во светот :Работи за големи светски магазини/(2021г)
Кај нас: Не те есапат ни 2% ( 2017г)“

 статус на Снежана Богдановска Сани

На едната е Меј Маск, а на другата е Сани, а под двете стоеше коментар кој потсетува дека и покрај тоа што за многу работи имаме неконтролиран нагон за преземање трендови од Запад (од храна, преку телевизиски содржини, до ететика (и на грдото и на убавото) ), кога се работи за одредени сегменти во модата, сè уште сме речиси нечујни.

Минатата година излезе еден податок кој вели дека младите и витки модели се сè уште меѓу најбараните, но дека за разлика од 2016 година, во 2020 се забележал пораст на интересот и ангажирањето на возрасните модели.

Конкретно, во 2016 година, за сезоната „пролет-лето“ која се презентира наесен, биле ангажирани вкупно шест возрасни модели (над 50-тата), а во 2020 година тој број изнесува 39. Просечната возраст на манекенките пораснала од 21 на 23 години, а брендовите сè повеќе биле заинтересирани за реалистична перцепција на моделите, односно покажале заинтересираност за возраста на нивните консументи.

Гледано од тој аспект, едно истражување во Бостон покажало дека просечната возраст на активни консументи на луксузни добра, во кои спаѓаат и модните производи, на светско ниво, изнесува 38+ години, потсетувајќи дека економските и маркетинг аспектите се исклучително важни во модниот бизнис. 

И тука се враќа оној момент на презентација на моделите така да реално ги видите и процените, отколку да си замислувате како нешто би ви стоело.

Модните брендови, а со тоа и модните магазини, ги раширија рацете (иако не сосема ширум) за возрасните модели/дами. Хелен Мирен, иако актерка, веќе неколку сезони ја гледаме на пистата на „Лореал“, 80-годишната Џоан Дидон во 2015 беше дел од ревија на „Селин“, а Џони Мичел стана модел на „Ив Сен Лоран“. 

Се појавија и модни агенции кои работат исклучиво со модели од 30 до 90 години (Go Models, Australia's Silver Fox Management, Oldushka се само дел од нив) или пак, модни агенции како IMG моделс им отстапија место и на age plus моделите. 

Од друга страна, тоа ги охрабри и “обичните жени“, па бројот на age plus блогерки исто така е зголемен и нивниот ангажман и тоа како се следи и вреднува од страна на модно релевантните во модната индустрија.

И некогашните супермодели исто така спаѓаат во групата возрасни, но Наоми Кембел, Кејт Мос, Синди Крафорд, сè уште се ангажирани и посакувани од страна на модните дизајнери и куќи. Нивниот имиџ сè уште не бледее и носи публицитет. Не само што се барани, туку и бираат каде ќе се појават.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Carmen Gimeno (@carmen_gimeno)

 

А во Македонија?

Професионални модни агенции што овозможуваат просперитет и ја издигнуваат професијата „модел“ над категоријата „хоби“ се бројат на прсти, а со тоа и професионални модели. Млади. За возрасни, оваа гранка е сè уште далеку. А и има зошто.

Модните дизајнери не покажаа премногу интерес за овие трендови...

Меѓу првите која посегна по овој тренд беше модната куќа ЕЛЕНА ЛУКА. Направија едиторијал за сезона „есен-зима 16/17“ (објавен токму на денешен ден пред пет години) и направија спој на модели од три различни генерации. Покажаа модна смелост да посегнат по тренд кој и во светот беше во зародиш, а сепак стануваше сè погласен.

 

Тоа го направија не (само) затоа што Сани е еден од нашите први модели, или најдобри, или најпознати, туку затоа што Сани е модел репрезент на зрела жена, на која кариерата не мора да ѝ згасне бидејќи веќе има 40+, 50+ или 60+, која знае што сака, која има самодоверба, има моќ. Воедно и за да покажат дека светските трендови (и од аспект на креација и од аспект на модел) добро изгледаат и со домашен потпис,а не пропуштија и да го истакнат и маркетинг моментот -  „имаме креации за сите генерации“.

Сани и претходно била ангажирана од страна на македонски дизајнери, но не низ призма на генерациско богатство, моден тренд и женска зрелост наеднаш, како што тоа беше случај во овој ЕЛ едиторијал.

Токму тие направија и цел серијал со жени, овој пат од јавниот жвот, во нивните 40-ти, ставајќи ги во моден контекст.

И додека во светот возрасните модели работат со големи модни куќи, снимаат реклами, водат блогови и слично, кај нас се сведува на инцидентни случаи. 

Ќе речете, мал е пазарот.

Но, тоа не би требало да е изговор за сè.

Сепак е и до капацитетите, храброста и визијата.

 

Објавено:
26 октомври 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
979 пати