За Јована Јоксимовиќ, празничната депресија и невкусните шеги

17 декември 2019

Пред неколку дена социјалните мрежи во Србија „гореа“ од коментари, а сè поради едно кратко прашање: „Дали си ти депресивна? Хм?“.

Имено, водителката на утринска програма на една српска телевизија, Јована Јоксимовиќ, најави прилог за празнична депресија, кој го водеше нејзина помлада колешка. На крајот од прилогот, таа ја праша својата колешка и соговорничка во случајов, дали е депресивна, што неа сосема ја збуни, за потоа да додаде дека со поголем ентузијазам требала да го води прилогот и да им каже на гледачите дека е убаво, дека се празници. 

Видеото го имате во продолжение:

 Ова нејзино, прашање со шеговит тон, а и скриена критика упатена кон помладата колешка, предизвика бурни реакции кај граѓаните.

„Арогантно оденсување“, „Непрофесионализам“, „Знае ли таа со што се шегува“, „Некултурно и безобразно. Вакво прашање не се поставува никогаш, а посебно не во програма во живо. Ова се опасни импровизации“, „За ова треба да добие отказ во секунда! Што ѝ е?! Грозно! И не поднесувам мешање на депресија и нерасположение“, се само дел од лавината коментари на социјалните мрежи.

Но, ова предизвика реакција и кај дел од нејзините колеги, а посебно кај оние што некогаш се соочиле со депресијата.

„...Во секој случај, колку и да сум уморна додека ја работам емисијата, никогаш, ама никогаш не би ја прашала, како нашата колешка, соговорничката во вклучување во живо: „Дали си депресивна?“. Всушност, моите гости пред почетокот на емисијата секогаш добиваат прашање, што никако не сакаат да се спомене, затоа што сакам да се чувствуваат сигурно во тој етерски простор“, вели Лана Николиќ, радио водителка, во писмото посветено на Јоксимовиќ и понатаму ќе напише:

„Би сакала да ѝ го кажам на колешката и следново: 

Ништо на светот не може да го оправда таквото соголување на соговорничката во програмата во живо. А што да имаше искуство со депресија и ти ја прашуваш така, без идеја колку тоа може да ги разниша и тие малку конци кои го држат нејзиното функционирање? Дали знаеш што е депресија? Дали знаеш колку кревки нè прави и колку ни е тешко што сме толку кршливи, тажни, емотивни, така сами во нашата црна дупка? Дали знаеш дека тоа е многу повеќе од поларизираното изразување на чувствата? „Дали знаеш колку би сакале да бидеме добро? Дали знаеш колку нè повреди таа твоја реченица, нас што сега сме добро, но некогаш не сме биле? Дали знаеш колку нè потсети, колку нè изложи надвороешно и внатрешно, колку твојата реченица нè повреди?

Знаеш ли дека немаш право да ја прашаш соговорничката такво прашање, бидејќи не си психотерапевтка, ниту стручна на било кој начин кога се работи за тоа? Дали знаеш дека никој нема право на тој другиот да му залепи етикета пред целата земја, додека според професијата би требало да биде заштитничка и глас на граѓаните?“, се вели во дел од писмото.

На крајот, Лана ќе го каже и следново:

„Дали знаеш на кого му е наменета поддршката за која твојата соговорничка зборуваше? Знаеш ли колку сме ранливи за време на празниците, колку нè има стари, сами, болни, осамени, млади на кои ни е потребен топол збор и разбирање. Знаеш ли колку твоето немарно прашање нанесе штета?

Би сакал никогаш да не дознаеш што е депресија. И кога следен пат нешто ќе изговориш во програма ќе размислиш два пати. Најмалку“, го завршува писмото Николиќ, а целосно можете да го прочитате  ТУКА.

За мислење околу целата ситуација, но и празничната депресија, разговаравме со  доц. д-р Фросина Денкова Зафировска, лиценциран психолог и семеен советник, а и менаџер за човечки ресурси во „ИТ Лабс“ и  проф. д-р Софија Георгиевска, Филозофски Факултет - Скопје, лиценциран психолог и семеен советник.

проф. д-р Софија Георгиевска

На прашањето дали е во ред да прашаме некого дали е депресивен, Георгиевска ќе каже:

-Зависи од околностите…. Колку добро ја познавате личноста и дали имате дозвола да ги преминете овие социјални граници со неа? Со други зборови, едноставно не е мудро, или поточно, е нечувствително да го прашате ова ако немате основно разбирање на болеста врз основа на вашето образование. Што ќе направите следно ако лицето каже, да, јас имам таква и таква депресија и треба да земам лекови за тоа? Дали сте се запрашале зошто навистина сакате да знаете дали некој има депресија? Ако само се обидувате да бидете во право, тогаш можете да направите повеќе штета отколку добро на депресивно лице. Прашањата за отфрлање и срамот се огромни во умот и срцето кај депресивни лица. Но, ако мислите дека можеби ќе успеете некако, проверете ги вашите мотиви и намери. Размислете за последиците, потоа донесете ја вашата одлука. Сепак, заради тоа постојат стручни лица во секоја област кои можат да се носат со проблемите.

Воедно, ова беше повод и да се разграничи поимот „празнична депресија“.

-За многумина, сезоната на празници е време на среќа поврзано со семејството и пријателите, добра храна и славење. Но, за други, празниците се обележани со чувство на вознемиреност и депресија, која најчесто се нарекува празнична дересија. Празничната депресија се дефинира како привремено чувство на вознемиреност или депресија за време на празниците, и иако таа се разликува од клиничката вознемиреност или депресијата, сепак треба да се сфати сериозно бидејќи може да доведе до долгорочни последици по менталното здравје. Потребни ни се неколку недели, па дури и месеци, за да се подготвиме за сезоната на празници, и на крајот еуфоријата од нив трае само кратко време и брзо исчезнува. После сите празнични гужви, потребно ни е време за повторно да се адаптираме на вообичаениот распоред - враќање во канцеларија, факултет или училиште.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by DoubleDown.Digital (@doubledowndigital) onDec 20, 2018 at 5:54am PST

 Истражувањата укажуваат дека 25% од популацијата доживува пост-празнична депресија или некоја форма на депресија која може да трае неколку дена (најчесто десетина) по завршувањето на празниците. Ова е честопати привремено но, потребно е да се разреши на начин кој нема да има долготраен ефект врз понатамошниот квалитет на живот.

Пред крајот на годината, имаме тенденција нашите "to do" листи да бидат исполнети со социјални настани во текот на месец декември, многу прослави, а се со цел да ја заокружиме годината, и на календарот во јануари да имаме што помалку обврски. Но, тоа нè прави да од една фаза на ,,социјална пеперутка,, влеземе во ,,чувар на домот,,.  Најголем дел од нас, додека се излезени се чувствуваат сакано, уважено и важно. Запознавањето на нови луѓе, одржување на квалитетни релации со пријателите придонесува за чувството на еуфорија и задоволство. Од друга страна пак, промената на социјалниот календар со недостаток на социјални настани може да доведе до осаменост, здодевност и чувство на изолација. Дополнително, празниците имаат тенденција да евоцираат спомени за оние што веќе не се со нас (партнер, член од семејството, деца...). Загубата може да биде поради смрт, развод или оддалеченост. Празниците можат да нè натераат да чувствуваме како да поминуваме низ загубата повторно - објаснуваат нашите соговорнички.

доц. д-р Фросина Денкова Зафировска

Др.Зафировска потенцира дека среќна слика која ни ја сервираат социјалните и генерално медиумите, не ја рефлектира кај многумина реалноста и може да доведе до празнична депресија.

-Нереалните надежи дека сè ќе биде совршено, и дека сите треба да бидат среќни, доведува до разочарување и фрустрација и го крева нивото на хормонот на стрес - кортизол, што предизвикува непријатно чувство на раздразливост. Она што ја карактеризира депресијата е нерасположеност, чувството на тага, повлекување во себе, апатија, социјална изолација, па се до другата крајност кај некои лица, која може да се манифестира преку агресивност, избувливост и раздразливост. Многу често, лицата кои страдаат од депресија имаат и потешкотии во спиењето кои се манифестираат низ неможноста да се заспие, недостаток на континуиран сон (или пак претерано спиење поради потребата за бегство од реалноста), но и пореметувања во исхраната (од губење на апетитот до претерано јадење). Дополнително, депресијата може да се карактеризира и со претерано конзумирање на алкохол и пушење цигари.

Имајќи го сето ова досега предвид, позборувавме и за тоа како да си помогнеме или некому што се соочува со овој проблем:

-Менаџирањето на депресијата за време на празниците бара изнаоѓање на ефикасни начини за управување со сите стресови кои ги предизвикуваат празниците (финансиски трошоци, метеж во сообраќај, неодстаток на време). Најважно од сè е да се има на ум дека состојбата во која се наоѓаме корисно е да ја споделиме со оние кои ни се блиски, па дури и кога не можеме да ја споделиме со некого, бележењето на нашите емоции на хартија во таканаречен ,,днeвник,, може исто така да има вентилирачки ефект. Поставувањето на реални очекувања, прво пред себе си, а потоа комуницирањето на истите со другите е многу важно затоа што ние самите најмногу сме свесни за нашите слаби и јаки страни и нашите граници. Визуелизирањето на постигнувањето на поставените цели предизвукива позитивни емоции и е мотивација на патот кон среќата, што негативно корелира со депесијата. Дополнително, навраќањето на позитивните емоции кои се случиле во одреден времески период и на одредено место, го излачува хормонот сератонин кој е поврзан со сеќавањата и чувството на среќа.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Beautifully Conflicted (@beautifullyconflicted) onDec 25, 2018 at 8:52pm PST

 Изложеноста на сончева светлина позитивно влијае на нашето расположение. Сончевата светлина го стимулира нашето тело да произведува витамин Д, за кој е утврдено дека е дефицитарен кај лица кои страдаат од депресија. Излачувањето на серотонин (Хормонот на среќа) е помогнато  природната изложеност на светлина, а серотонинот доведува до излачување на мелатонин, што помага нашиот циклус на спиење и будење да биде организиран. Односно, кога нашето тело е помалку изложено на светлина, има помалку серотонин, што доведува до помалку мелатонин, што доведува до помалку сон, што може да доведе до чувство на умор и депресија. Затоа, еден од најдобрите начини за третирање на депресијата е изложеноста на дневна светлина.

Излегувањето од празниците во иста (или подобра состојба) како што сте влегле во нив треба да биде целта на планот за работа за годината која следува - објаснува Фросина.

На крајот, Георгиевска уште еднаш потенцираше:

-Постои разлика помеѓу празничната депресија, која вообичаено завршува кога ќе заврши сезоната на празници и клиничка депресија, која трае подолго и се случува паралелно со активностите во секојдневниот живот. Ако сезоната на празници помине и сè уште се чувствувате депресивно или вознемирено, тогаш најдобро е да се консултирате со психолог.

Да ги одбираме зборовите внимателно, бидејќи никогаш не знаеме што се крие зад насмевката или погледот на тој спроти нас и уште повеќе, да не се „расфрламе“ со употреба на поимот „депресија“, бидејќи да, многу повеќе е од чувство на тага, се само дел од работите на кои оваа ситуација и текст треба да нè потсетат, научат. 

Според нашите сознанија, СОС број за спречување самоубиства и психички проблеми веќе не постои. Иако пред неколку години беше промовиран, сепак се покажа дека тој број не функционира и глув е за повиците.

Честопати се водиме од она дека „Мене нема да ми се случи“, но ајде да почнеме да учиме од туѓите грешки. Се надевам дека ќе ги поминете празниците благодарни за она што го имате, а вие што можеби го читате текстот и се борите, немојте да заборавите дека не сте сами - обратете се на стручен кадар или доверете се на најблиските, помош постои!

 

Објавено:
17 декември 2019
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
7.555 пати