За маслиновото масло, Џенифер Лопез и зошто ни оди на нерви...

8 јануари 2021

„Сите лажат“ - Ако макар еднаш сте го гледале „Доктор Хаус“, тогаш знаете за овој негов став. Сакале да признаеме или не, вистина е - сите лажат, дури и Џенифер Лопез :).

Нема ден (посебно во годината што ја испративме) да нема некаква вест за оваа пејачка, танчарка, актерка, бизнисменка...

Трендот продолжи и во 2021, па така уште на 1 јануари, таа го претстави својот козметички бренд JLO BEAUTY, посочувајќи дека базата на сите нејзини производи е маслиновото масло, како и тоа дека мајка ѝ Лупе ѝ ја открила оваа магична состојка уште во младите денови, па благодарение на неа изгледа младо и свежо и на 51 година.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Jennifer Lopez (@jlo)

„Не заборавај го ботоксот и филерите“, беше репликата на оваа нејзина презентација. И иако не може често да се видат нејзини коментари на социјалните мрежи, сепак на овој одлучи да одговори посочувајќи: „Никогаш не сум користела ботокс, не сум ТАА личност, маслиново масло е се' што користам“ . И тука го навлече негодувањето од стручната фела, но веројатно и на дамите кои се ТИЕ личности и одбрале на ТОЈ начин да го подобрат својот изглед.

Голем број дерматолози одлучија да ѝ одговорат - некои на шеговит начин, други пак на сериозен, дека ова што го зборува не е вистина. 

„Како некој што секојдневно работи со филери и ботокс и имам најмалку 15 разговори дневно со пациенти, анализирајќи - што ги прави нив убави, односно што прави да се чувствуваат убаво, како порите и текстурата се реални, како филерите се за забава и очекувањата од нив, како новите филери и неуротоксини се подобар начин да се врати природниот и мазен изглед на кожата, како пилинзите, ласерите, плазмата, третманите... помагаат да се зачува процесот на регенерација со цел да го одржиме нашиот колаген. Ниту еднаш не зборувавме за маслиновото масло...Но, сода бикарбона од друга страна...“, напиша доктор Тања Партон.

Друг дерматолог одлучи да направи пародија од целата ситуација, посипувајќи го лицето со маслиново масло. Видеото доволно говори:

Стручните лица се согласни во тоа дека искреноста многу повеќе ќе придонесеше за добриот маркетинг. „Да беше искрена и да речеше дека козметичката дерматологија, односно индустрија ѝ помогнала да изгледа фантастично, ќе бевме први да ја купиме нејзината линија за нега на лице“, вели Партон, а ја поддржуваат и колегите.

Некои сметаат дека оваа нејзина изјава е навреда и за нејзиниот дерматолог и козметичар, кој се грижи за нејзиното лице години наназад, додека пак има и такви кои признаваат дека отсекогаш се восхитувале на нејзината убавина и желба да се држи што повеќе до природното, но дека оваа изјава е преголема лага. Сметаат дека потенцирањето на познатите дека нивната ДНК е подобра од онаа на „обичните смртници“е многу полошо отколку да кажете дека во одржувањето на убавината ви помагаат и други третмани. Всушност, Џеј Ло е добар пример за користење корекции и треетмани во одржувањето на природната убавина.

„Мислам дека Џенифер Лопез веројатно „заборава“ дека некогаш користела ботокс, но знам со сигурност дека користи многу повеќе од маслиново масло за да го одржи својот сјај. Со среќа на Џеј Ло со маслиновото масло. Не ти веруваме, но уште те сакаме Џени“, е дел од објавата на доктор Кореј Хартман.

 

На овие простори маслиновото масло го користиме речиси за се' - за добивање подобро исончан тен, за маски за лице, го ставаме на коса, на нокти, на кожа, ја знаеме неговата магија веројатно многу подобро од луѓето во некои други земји, но далеку од тоа дека како нација изгледаме како да сме го пронашле еликсирот на младоста.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by JLO BEAUTY (@jlobeauty)

Вчера пак, на социјалните мрежи се појавија нови фотографии од Џенифер Лопез, овој пат во костим за капење, каде е истакнато нејзиното мускулесто тело, но и целулитот. Веројатно дел од жените испуштија воздишка на олеснување бидејќи и Џеј Ло е сепак смртничка, а не божица, па и покрај толку вежбање и таа има целулит. Веројатно овие фотографии беа утеха за сите како британската водителка која ги сметаше нејзините голи фотографии за песната „In the morning“ токсични, со што уште еднаш си потврдија дека таа лаже.

 Воедно, сето ова е добар повод жените да се исчистат од фрустрацијата за која често се обвинувани медиумите, социјалните мрежи, ѕвездите на кои притоа и работа им е да изгледаат што подобро.

И можеби Џенифер Лопез не ја купува љубовта со пари, како што вели во еден свој хит, но убавината да. Тренери, нутриционисти, козметичари, дизајнери, фризери, стилисти... часови посветеност, упорност, секојдневно вежбање и совршена исхрана се она што неа ѝ овозможува да изгледа како што изгледа на 51 - потенцирањето на возраста стана тренд за натпревар, каде се крие и утеха и пораз за нечиј изглед.

Да, јавните личности секогаш се склони кон тоа да се претстават како совршени, тоа е во описот на нивната работа, да биде се бајковито и совршено, да бидат пример (за што, тоа е посебна тема), но во разговорите за магичноста на маслиновото масло и сонот од осум часа како главен рецепт за млад изглед, веќе никој не верува. 

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by JLO BEAUTY (@jlobeauty)

Животот денес не' меле на толку многу начини, што навистина за да изгледаме толку добро, би требале да се налеваме како докторот погоре со маслиново масло не само на лицето, туку и душата. Не поминува ден без лоша вест, без злосторство, без говор на омраза, културата на говор со негација, „хејтање“ цвета како никогаш до сега... 

И токму она што е многу повредно за разговор, не е тоа дали Џенифер користи или не користи филери, реално, тоа е толку неважно за нас, туку зошто ние (публиката ширум светот) толку се нервираме на овие лаги, на нејзините мускули, на нејзиниот изглед...

Дерматолозите се шегуваат со нејзината изјава/ фото: printscreen

Во време кога има толку многу други, поважни работи на кои треба да се размислува и посветува внимание, ние правиме длабнатина за маслиново масло на лицето за тривијални работи. Значи ли тоа дека проблемите кои ги имаме и не се толку сериозни штом за ова имаме време, или пак значи дека се далеку посериозни, кога прибегнуваме кон овие за кои не се бара голема ангажираност? 

И дали навистина ги „мразиме“ нејзините мускули или нашата мрзеливост, летаргичност, или пак неможноста да се посветиме на себеси како што би сакале?

Ќе се вратам на почетокот, колку и да не ни се допаѓа да го слушнеме - да, сите лажеме - а во овој случај себеси. Таа ќе продолжи да заработува и да живее онака како што сака и ѝ се може, но што ќе направиме ние со она што (не) го можеме? Секој си има своја вистина и ниво до кое може да го поднесе (не)совршенството на Џеј Ло, а во овој случај тоа не се нејзиното лице и целулит и мускули, туку одраз во огледало на нашиот живот и изглед.

Објавено:
8 јануари 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
21.510 пати