Зошто ни пречат седата коса и брчките на Сара Џесика Паркер?

21 јули 2021

После Кристина Ковач, јавноста се „префрли“ на Сара Џесика Паркер.

Во медиумите и на социјалните мрежи се појави нејзина фотографија од снимањето на новото продолжение од „Сексот и градот“, која предизвика многу коментари.

 

Но, во морето споделени мисли на сметка на нејзиниот изглед, кои таа како позната личност не само што ги предизвикува, туку мора и да ги „носи“, доминираа оние дека “изгледа како баба“, „дека лошо ги носи своите 56 години“, „зошто си дозволува да изгледа вака старо“...

А кој одредува кој е вистинскиот начин на кој треба да ги носите годините?

Во медиумите периодов можат да се сретнат наслови од типот: „Кога е вистинско време да престанете да носите костим за капење“ или пак „Идеален костим за капење за жени над 50 години“, „Или како да се облечете после 40-тата“... Кој е тој што може да ви каже кога да престанете да носите нешто? И медиумите претераа со (стерeо)типизирањето на женскиот изглед. И додека од едната страна имате текст за тоа кое парче облека е соодветно за 50+ години, веднаш до неа имате вест за фризер што ги охрабрува жените да имаат седа коса или им помага полесно да ги прифатат природните седи влакна. И на двете публиката реагира со воодушевување - знак дека ние не знаеме баш што сакаме и немаме баш цврст став за работите, освен кога треба да се даде мислење за нечиј туѓ изглед.

Што значи тоа „изгледа добро за свои години“?

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by D.Repubblica.it (@drepubblicait)

Во морето идентични ликови, без разлика на која генерација припаѓаат, во Сара Џесика Паркер гледаме реалност.

И можеби баш тоа е она што не ни се допаѓа. 

Дали седата коса на Сара Џесика Паркер не ни се допаѓа бидејќи не' потсетува дека никој нема да ја одмине оваа фаза од животот?

Или пак не ни се допаѓа затоа што ние добро не се справуваме со годините?

Што се случува со поддршката за достоинствено стареење и гордо носење на брчките или и тоа е став „по потреба“? Бидејќи Паркер покажа дека ги носи гордо.

Жена која одлучила да ги покаже брчките и седите влакна веќе нема потреба од одобрување и туѓите мислења, а ние ги даваме и без некој да не праша. Не само во случајот на Сара Џесика Паркер, туку и за сосетката, колешката на работа, познаничка... 

Тоа е само показател дека длабоко во себе се' уште сме незадоволни и не сме се прифатиле комплетно. 

Но, од друга страна, изгледот на Сара Џесика Паркер, Енди Мекдауел, Хелен Мирен, благородничките Летиција и Максима, се показател дека се' уште има жени кои го сакаат природниот изглед и тоа треба да не' прави среќни, како и фактот дека и тие од другата страна на екранот се само жени, без разлика на професијата и статусот.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Serli Can (@serlixfashion)

 

Воедно, значи дека индивидуалноста е се' уште присутна, иако е загушена. И во случајот на Ковач, и сега со Сара Џесика Паркер, се покажа дека има многу жени на кои им е преку глава од притисокот на новите стандарди за убавина.

Всушност, староста ќе го соголи копираниот изглед. Во староста сите (ќе) изгледаме различно баш поради различните брчки, кои се азбука на нашиот живот. Или нијансата на седата коса. Староста е показател на генетиката и на тоа како сме живееле и како се чувствуваме во сопствената кожа.

Или пак, и старост е „забранет“ збор?

Ако кажеме дека минувањето на годините и одразот во огледало кој се менува е лесен, ќе излажеме. Промените никогаш не се лесни, разликата е само во тоа  како ние успеваме да ги прифатиме.

Има вистина во тоа дека новите трендови ни ставија филтер пред очите, не само при користење на телефонот, туку и во реалниот живот.

Ќе извојуваат ли „старите“ генерации слобода за младите генерации, ќе ја вратат ли индивидуалноста на цена?

Да, можеби не ви се допаѓа бабата Сара Џесика Паркер, но на неа не ѝ е гајле. И на крајот, тоа е она што е важно. За „свои години изгледа добро“ оној што така се чувствува!

Чудно е што аплаудираме или негодуваме на природен изглед. Што го доживуваме како феномен, а вусшност треба да биде нешто за што воопшто и не треба  да буди толку големо внимание. Сфативме, денеска ваквите жени се ретки видови, но не и „заштитени“.

Но, ако ваквото ехо премине во бран на освестување на сите идентични убавици денес, тогаш да викнеме уште погласно.

 

Објавено:
21 јули 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
3.273 пати