Започна 34 Саем на книга: Најавени многу нови изданија, попусти и промоции

3 мај 2022

Од денес, 3 мај, па до 9 мај во Арена „Борис Трајковски“ се одржува 34. издание на Саемот на книга, во редовниот, пролетен термин на одржување.

Првиот ден помина со поскромна посетеност, но изложувачите ветуваат богата програма, уште побогати попусти и многу новитети за љубителите на пишаниот збор.

Речиси секоја од издавачките куќи онлајн ја претставува својата саемска понуда, па однапред можете да си направите избор, а секако, можете да прошетате и на лице место да си одберете дел од жанровите што ги преферирате или да се препуштите на некоја препорака.

„На штандот на „Антолог“ годинава има многу нови изданија. Имавме десет што излегоа непосредно пред саемот, десет што излегоа на Саемот и секогаш нудиме широк спектар на жанрови и наслови - од романи, до автобиографии, најпопуларните трилери, но и класици како што е „Процес“ од Кафка што излезе токму со почетокот на Саемот. Попустите ни се доста примамливи. Голем дел од понудата е на 50% попуст, а има дела и на 40% и 30% попуст, како и  акција 7 купени книги + 1 гратис. Во моментот мошне популарна е понудата на еко-торбички, термоси, за деца и возрасни. За секоја сметка на 2.000 денари има подарок еко-торба, додека пак, за децата, за сликовници купени во износ од над 600 денари, даваме подарок маичка. 

Во среда е закажана промоцијата на еден од нашите автори, Анде Јанков, „Само Бог простува“, а на 9 мај, на денот на Европа, ќе ги претставиме книгите од Европскиот проект во „Антолог“, а исто така ќе имаме и потпишување со авторот Жарко Кујунџиски на неговата нова детска книга „Новите авантури на Тино од мојот влез“, ни изјави Марија Танасоска од „Антолог“.

И од издавачкиот центар „Три“ ветваат богат избор за сечиј читателски вкус.

„Овој Саем особено внимание посветуваме на секој читател одделно. Поради тоа имаме повеќе од 500 наслови на нашиот штанд, од кои пристигнаа многу новитети, особено на домашната книжевна сцена -  Ана Јовсковска со „Емотивен талог“, Коста Петров „Што ќе кажат другите“, во сабота ќе има голема промоција на Илина Арсова и нејзината книга „Седумте“ и заедно со Игор Џамбазов, кој ќе ги промовира присобраните дела, односно кутија со сите негови дела.

Од новитети ќе пристигнат нови преводи, односно на штандот веќе се „Љубовна хипотеза“, „Добри вибрации, добар живот“ од Векс Кинг, една многу популарна книга во светот. На нашата интернет страница и социјални мрежи се објавени каталогот со сите саемски цени. Имаме доста акциски понуди - скалест попуст, количински попуст - над 5 книги се добива различен попуст, во зависност од тоа колку книги ќе се скупат. Секако има понуди од 99 денари на голем број книги, посебно на класици. Секако, секој ден имаме програма за различни читатели. Наутро е детското катче, со креативни работилници, тука ќе бидат авторките на сликовниците „Стела и Сани“ како и маскотите, ќе се играат друштвени игри, потоа имаме средби и потпишување на книги со автори - Винка Саздова, Јагода Михајловска Георгиевска, Снежана Поп Ордановска Џамбазова и секој ден од 18.30 до 20 часот имаме книжевна забава - Милена Силјаноска од „Три“.

Дел од својата саемска понуда ни претставија и од куќата „Артконект“

„Годинава има неколку нови книги и автори. Тука е проектот „Пораки на надеж“, кој опфаќа серијал од книги и автори добитници на наградата за литература од ЕУ, финансиран од „ЕУ Креативна Европа“. Наскоро се очекуваат и дополнителни седум нови наслови меѓу кои „Љубовен предмет“ од Една Обрајан, „Небо“ од Пиа Лејно. Ова е втора година на „Артконект“ да учествува на Саемот за книга и се нудат неколку пакети со посебни саемски промотивни цени кои вклучуваат класици, како и современи автори.

Некои од препораките за посетителите е преводот на „Артконект“ на „Кишот“ од Салман Ружди, преводот од англиски е на Милан Дамјановски, секако „Најдобри намери“ одИнгмар Бергман која влегува во тие саемски попусти, во комбинација да речеме со Владимир Набоков „Ада или жар“, или пак во комбинација „Писмо до милена “ на Кафка.

Би го издвоиле и романот „Невидливите“ на скандинавецот Рој Јакобсен, кој и лани и оваа година е еден од најбараните. И секако од философските изданија, Стасис на Џорџо Агамбен. Тука се и графичките новели „Ирмина“, „Сината е најтоплата боја“, а нашата понуда опфаќа и дела за најмладите „Грозовилата во страшната шума“ и „Грозовилата и дивата зима“ од Јана Бауер“ кои се нудат и во саемски пакет, „Азбуката на Моркел“ од Стијан Холе, „Птицата во мене лета каде што ќе посака“ од Сара Лундберг“, велат од „Артконект“, поканувајќи ги сите посетители на нивниот штанд, да ја направат своја комбинација книги, кои сигурни сме ќе разбудат внимание.

Влезницата за Саемот на книги чини 50 денари, а за групни посети - 40 денари.

Настанот е под покровителство на Министерството за култура.

Објавено:
3 мај 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
253 пати