Деведесетото издание на „Оскарите“ е закажано за в недела, 4-ти март. Денеска пак, завршува можноста за гласање за најдобрите филмови од сите 25 категории.
Во текот на оваа недела, ќе ве потсетуваме на некои интересни и највпечатливи моменти и информации врзани за оваа манифестација.
Ќе започнеме со она за што прво се зборува кога се „Оскарите“ во прашање - модата.
На секое издание има по некоја креација за која се зборува и денови потоа. Меѓу оние што влегоа во историјата се секако црвениот фустан на Хали Бери во 2002, креација на Ели Сааб.
Тоа беше сосема нов момент на црвениот килим, транспарентен фустан со цветни апликации, за кој и денес се зборува.
Оние од повозрасните генерации го паметат изданието на Грејс Кели на „Оскарите“ од 1955 година, кога се појави во сатенски фустан во пеперминт нијанса.
Лорен Хатон во 1975 година носеше совршен колор-блок фустан во пастелни нијанси, кој го кобинираше со бунда - изглед што и денес е тотално “ин“.
Шерон Стоун во 1998 година, направи исчекор, кога се појави во макси здолниште и бела кошула, уште еден од нашите омилени моменти од црвениот килим.
И денес се зборува за легендарниот фустан на „Валентино“ кој во 2001 година го носеше најдобрата актерка за таа година, Џулија Робертс.
Во 2012 година сите зборуваат за црниот фустан и слабите нозе на Анџелина Џоли, а во 2013 година ѕвезда на црвениот килим беше Џенифер Лоренс во фустан на „Диор“. За потсетување, таа при преземањето на наградата се сопна од фустанот и тој „срамен“ момент им донесе уште поголема популарност и на неа и на модниот бренд.
Лејди Гага изгледаше одлично на „Оскарите“ во 2016 година во креација на Брендон Максвел, а лани меѓу оние за чиј изглед најмногу се зборуваше беа Бри Ларсон и Дакота Џонсон.
Во галеријата погоре погледнете ги 50-те најубави фустани низ историјата: