Амстердам повеќе не сака туристи

31 мај 2019

Главниот град на Холандија е еден од градовите кои се посебно популарни меѓу туристите. И без разлика што тој на холандската економија му носи околу 82 милијарди евра годишно, властите во Амстердам одлучија да им го свртат грбот на туристите. 

Според светските медиуми, причината за тоа е бидејќи Холанѓаните стравуваат дека нивниот град ќе се претвори во Венеција, па затоа ги замолуваат туристите да посетат некои други места. 

Со години наназад Амстердам има преголем број туристи, а граѓаните на овој град сметаат дека тој број уште ќе расте и со тоа ќе дојде до масовна посетеност, што ќе го „убие“ градот. Според податоците, се смета дека од 18 милиони посетители во 2018, бројот на посетители во 2030 би изнесувал 42 милиони, што е 50 пати повеќе од сегашниот број на жители на главниот град на Холандија. 

„Под голем притисок сме, не сакаме да се претвориме во Венеција. Туристите премногу го сакаат нашиот град и премногу нè посетуваат. Тоа има и позитивни аспекти, меѓу кои секако е и економскиот, но ги разбирам и граѓаните кои се плашат дека ќе го изгубат автохтоното чувство на својот град“ вели архитектата Елен ван Лун.

Амстердам стана симбол за масовен туризам, кој пред сè е последица на сè попристапните авионски карти. И додека други би се радувале на ваков туристички одѕив, Амстердам вели дека е време да се запре. 

Токму затоа, властите во Холандија неодамна преземаа мерки - престанаа да ја рекламираат својата земја како туристичка дестинација. Исто така, спроведени се и некои одредби со цел да ги одалечат туристите од намерата да го посетат Амстердам, ограничувајќи им места за забава или капацитетот на сместување.  Градските власти пак, најавија и нови даноци на туристичките ноќевања, според кои гостите во хотелите ќе треба да доплаќаат дополнителни 3 евра по ноќевање. 

За потсетување, на листата на градови што се против масовниот туризам се и Дубровник, Венеција и од пред две години и Барселона. 

На пример, Барселона во 2016 година ја посетиле 32 милиони туристи, а градот има 1.5 милиони жители, кои сметаат дека 32 милиони посетители се премногу.

Сите посочуваат како масовниот туризам е одличен за економијата на градот, односно земјата, но има и негативности. На пример, се зголемува цената на изнајмувањето соби, цените во маркетите, но и продажбата на станови. Многу од жителите поради скапите цени се одлучуваат да се преселат во периферните делови на градот. Во Барселона конкретно, кога била спроведена анкера меѓу граѓаните со прашањето кој е најголемиот проблем во градот, не била потенцирана невработеноста, туку туризмот.

За да не заврши како Венеција, односно градот кој тоне, во Барселона исто така е ограничен бројот на туристи на плоштадот, но и на лицата кои можат да изнајмуваат престој. Исто така, воведен е закон со кој е забрането градење на нови хотели, а тоа ќе се спроведува додека бројот на туристи не се намали.

Масовниот туризам ги натера и жителите на овој град да се иселуваат, а пред две години се појави информација дека дури ниту нивниот градоначалник не живее во Венеција, која освен што тоне, претендира да стане град на духови, односно само град на туристи. 

Објавено:
31 мај 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.765 пати