Ако некогаш одите во Буенос Ариес, несомнено е дека оваа книжарница ќе биде едно од местата што ќе ви го препорачаат да го видите.
И со право. Сместена е во Барио Норте, најбогатото предградие на овој град, а кога ќе влезете внатре, едноставно нема да сакате да излезете.
Книжарницата некогаш беше театар „Гранд Сплендид“, отворен 1919 година. Театарот потоа беше преадаптиран за кино-сала, за од 2000-тата наваму да биде книжарница – „Ел Антенео град сплендид“.
Годишно, оваа како што многумина ја нарекуваат, магична книжарницаа ја посетуваат преку милион туристи. Љубителите на пишаниот збор ја вбројуваат во една од најубавите на светот, а на изборот на „Гардијан“ од 2008 година за најубава книжарница, се најде на второто место.
Инаку, зданието е дело на архитектите Перо и Торес Арменгол. Промените што следат поради адаптирањето се осмислени од архитектот Фернардо Мансоне.
Голем дел од театарот е задржан, како сцената, балконите, црвените завеси и импресивните архитектонски детали, што го прават впечатокот уште посилен.
Ако сте љубител на книгите, а и патувањата, тогаш никако немојте да пропуштите да ја посетите оваа „театарска книжарница“, каде ќе можете да се нурнете во убавините на пишаниот збор.
А во продолжение погледнете дел од фотографиите од внатрешноста, што веруваме уште повеќе ќе ве заинтригираат и воодушеват.