Првата жена која добила Прицкерова награда за архитектура, познатата британско-ирска архитектка Заа Хадид вчера почина на 65-годишна возраст, соопшти нејзината компанија.
„Со огромна жал компанијата „Заха Хадид архитектс“ потврдува дека Дамата Заха Хадид неочекувано почина во Мајами во раните утрински часови", се вели во соопштението. Хадид на почетокот на неделава добила бронхитис по што била сместена во болница каде за време на лекувањето доживеала срцев напад, пренесува „Ројтерс“.
Таа е родена и израсната во Багдад. Студирала математика на Американскиот универзитет во Бејрут пред да се запише на познатата школа за архитектура во Лондон во 1972-та година. Работела со иновативниот холандски архитект Рем Колхаус по што во 1979-та во Лондон ја основала компанијата „Заха Хадид архитектс“.
Хадид дизајнирала згради ширум светот, фабриката на BMW во Лајпциг, операта во кинескиот Гуанжу, Националниот музеј на уметноста на 21-от век во Рим, Центар Хајдар Алијев во Азербејџан.
Жалење за смртта на Заха Хадид изразил градоначалникот на Лондон, Борис Џонсон кој на Твитер напиша „таа беше инспирација и нејзиното наследство ќе остане да живее во прекрасните објекти ширум светот".