Цели две години беа потребни за да се реновира најголемиот изложбен и продажен простор на францускиот луксузен бренд Диор, лоциран на легендарната адреса, Авенијата Монтањ 30, каде всушност и започнува приказната на Кристијан Диор во 1946 година.
Откако во 2018 година на чело на брендот како извршен директор дојде Пјетро Бекари, постави амбициозен план, целосно да се реновира најголемиот и најуспешниот продажен салон на брендот.
И еве го резултатот после две години.
Моден луксуз распослан на 10.000 метри квадратни, зад чиј концепт се потпишува архитектот Питер Марино. Просторот ги вклучува сите сегменти на модната куќа: ready to wear, висока мода, артикли од кожа, накит и козметика. Освен тоа, содржината ја збогатуваат и три прекрасно уредени градини, два ресторана, како и галерија посветена на Кристијан Диор.
Гостите овде може и да преноќат, затоа што во зградата се распределени и 13 соби, уредени уникатно и секоја со своја приказна, така што на посетителите им се овозможува комплетно Диор искуство.