Три идеи за уредување на бањата

25 октомври 2016

Секој има свој омилен простор во домот и посебно внимание посветува при неговото уредување.

Денешниот текст го посветуваме на оние што се внимателни при уредувањето на бањата. Без разлика дали располагате со мала или поголема квадратура на овој дел од домот, можете да ја имплементирате омилената естетика и сензибилитет.

Ние искористивме неколку идеи од архитектите на Elena Luka Home, па во продолжение следат нашите предлози, кои веруваме ќе ве инспирираат:

 

Монохроматски изглед

Идеална комбинација за љубителите на елеганцијата и класиката. Црно-белите комбинации се сигурна варијанта, што е одраз на префинетост и добар стил. Ова е комбинација со која речиси и да не можете да згрешите. Сепак, тоа не значи дека користењето на овие контрастни тонови не може да биде предизвик. Треба да ја најдете вистинската мера, за да не претерате. На пример, ако доминира црната, таа може да го пригуши просторот и осветлувањето. Затоа предност дајте ѝ на белата. Можете црната да ја имплементирате во деталите, а белата да ја искористите за големите елементи.

 

 

Внесете боја – од пастелни до интензивни нијанси

Ако сте пак од оние што не се љубители на класиката и сакате нешто ново и весело, тогаш нема сомнене дека треба да внесете боја и во бањата. Тоа можат да бидат бојадисани ѕидови, или ѕидови покриени со плочки во вашата омилена боја. Доколку тоа ви е сепак премногу, тогаш искористете ги деталите или само делови од бањата. На фотографијата на пример, делот над огледалото и под огледалото е разубавен со плочки со интересен дезен, во случајот точки во жолта и беж нијанса. На тоа можете да додадете и крпи во слични нијанси и да го постигнете саканиот ефект – да биде весело, но сепак умерено.

 

Огледални бањи од  златни, до бронзени и кобалтни тонови

Ова е идеална и би рекле неутрална комбинација за сите што сакаат луксузен изглед во бањата. Во овој случај е најдобро најголемиот дел од површината да е во саканите нијанси, а комбинирајте две до три најмногу. Целта е да се постигне софистицираност, а не невкус. На фотографијата, интересен ефект даваат и „мозаик“ деловите, со што се зголемува текстурата и динамичноста на севкупниот впечаток и уредување. Ништо помалку впечатливи се и плочките со дезен, што можат да го подобрат впечатокот, без разлика на тоа за кој стил на уредување од посочениве ќе се одлучите. Исто така, не значи дека ако ова го одберете, бањата ќе изгледа студено и стерилно. Напротив, вистинската комбинација може да зрачи со топлина.

Уште еден наш предлог за сите стилови е да вметнете огледало на некое нестандарно место. Освен што ќе изгледа модерно, може да придонесе и за просторот визуелно да изгледа поголем.

 

Објавено:
25 октомври 2016
Категорија: 
Архитектура
Прочитано:
3.434 пати