Атрактивна и богата програма на 54-издание на фестивалот Охридско Лето

5 јули 2014

Годинешното 54-издание на најголемата музичко-сценска манифестација во нашата земја фестивалот „Охридско лето“, честа да го отворат ќе ја имаат оперските пејачки ѕвезди од Италија, сопранот Барбара Фритоли и баритонот Лео Нучи во придружба на оркестарот од Македонската филхармонија, под диригентската палка на аргентинецот маестро Луис Горелик.

Директорката на Фестивалот Охридско лето, Елизабета Јанкуловска во своето обраќање до медиумите рече дека се обезбедени сите потребни услови за непречено одвивање на манифестацијата, без разлика на временските услови. Претставите ќе можат да се погледнат на сцените на Античкиот театар и Долни Сарај кои оваа година ќе бидат покриени со заштитен монтажен покрив, а за гледачите ќе има обезбедено кабаници за дожд и перничиња за удобно седење.

Селекторката задолжена за музичката програма Гордана Јосифовска Неделковска најави изведби на врвни музички имиња. Музичките либрета оваа година ќе ги разбрануваат, хрватскиот пијанист Максим Мрвица, пијанистот Аркади Володос, виолинистите Кирил Трусов и Нинг Фенг, како и полскиот гудачки квартет Моцарт Груш, и израелците Де Вока Пипл.

Театарскиот селектор Ѓорѓи Јолевски, пак, најави бројни шекспировски комедии, гостувања на домашни и странски театарски куќи како што се Звездара од Белград, Русија и Полска. Ќе настапат Битолскиот театар со „Шекспировата комедија“, потоа „Многу врева за ништо“ на театарот Комедија, МНТ со „Аферата на Елсинор“, Драмски театар од Скопје со претставата „Ждрело“ и полскиот театар со шекспировата комедија „Како што милувате“.

Затворањето на фестивалот ќе биде на 19-ти август со настапот на синфонискиот оркестар Жен Шен од Кина, кои ќе го изведат македонското дело од Томислав Зографски и театарската претстава на гостите од Звездара театарот од Белград.

 

Објавено:
5 јули 2014
Категорија: 
Култура