„Авалон Продукција“: Помладата публика има прилика за безбедна и одговорна забава

8 август 2020

2020 година - година на неизвесност, криза, година кога веројатно никогаш појасно не сме покажале кои сме - индивидуално и колективно.

Многу придавки можат да ѝ се додадат на оваа година која долго ќе ја зборуваме. Но, факт е дека за сите е година на борба.

Секој различно ја води. „Авалон продукција“  после месеци пауза и откажани концерти, одлучи сепак да се врати на дејноста, по согласност со властите и сè што подразбира одржување настан во вакви околности.

Едни концерти се презакажаа, а нови се закажаа. Покрај претстојните во Античкиот театар во Охрид и на Хераклеја, од продукцијата најавија и сосема нов-  DEEPER UNDERGROUND FESTIVAL, кој е закажан за следниот викенд (15-16.08). Токму тоа беше и поводот за нашиот краток разговор.

Инаку, првото издание на фестивалот требаше да биде во Охрид, но од продукцијата неодамна објаснија дека поради логистички причини и можност за комплетно спроведување на протоколите, се одлучиле Скопје да биде градот домаќин.

Која беше иницијалната идеја за започнување на нов проект наречен Deeper Underground Festival? Во време кога речиси сè стои, освен статистиките за заболени, вие одлучивте да понудите нов фестивал...

Авалон: Потребата на народот да се „издише“ и да симулира реалност е повеќе од очигледна, како што може да забележиме последниве неколку недели. Како продукција која повеќе од две декади постои за да го служи народот како т.н министерство за среќа, целта ни е, и во вакви тешки времиња, да ѝ се претставиме и на помладата публика со прилика за безбедна и одговорна забава. Настрана физичкото здравје, важно е и одржувањето на менталното.... А. ние сакаме да сме причината младите да не го сметаат ова лето за пропаднато и поништено. Макар и да е во последен момент.

Од Охрид, Deeper Underground Festival e презакажан за Скопје, причините веќе ги објавивте. Како ќе изгледа и ќе биде организирано ова прво издание на фестивалот?

Авалон: Фестивалот 100 % ќе ги следи сите протоколи кои ние промотерите логистички ги направивме, а беа одобрени од страна на Министерство за здравство и Комисијата за заразни болести. Фестивалот DEEPER UNDERGROUND ќе се одржи на отворениот паркинг на А1 Арената. На влез, протоколот е следен: посетителите пристигнуаат со заштитна маска, се дезинфицираат, им се мери телесната температура, и на самиот крај се приложуваат картите. Идејата е сите групи на луѓе/друштва кои ќе бидат дојдени заедно, да останат заедно и на самата локација - тие ќе влегуваат низ коридори за да има одредена физичка дистанца. Ќе се користат само 20 проценти од целосниот капацитет на локацијата (3.000 од 15.000), ќе има поставено бројни пултови со дезинфекциски средства, а обезбедувањето ќе биде зголемено како би се осигурале дека се почитуваат мерките за дистанца.

Периодов најавивте неколку концерти, каков е интересот? Се ослободи ли народот и покажа ли желба за културен музички настан?

Авалон: Искрено, потребата за културно ,,издувување'' не ја предвидовме, туку ја почувствуваме во атмосферата. Љубителите на музика и редовните посетители на концерти мораа да преживеат 5 месеци без возбудата која доаѓа со читање на најава за концерт на нов артист, купувањето на карти (макар и онлајн), свеченото подготвување од дома за на концерт, барањето паркинг на локација и, се разбира, самиот концерт :)

Концертите се авантура и животен стил - тие кои гледаат на тоа на овој начин (а ние се имаме погрижено да ги има во голем број) се уште тука, заинтересирани, ослободени и подготвени да се вратат назад во нивната рутина ( во граница на можностите, се разбира).

Од една страна се „дивее" по разни забави, а од друга страна максимално мора да се испочитуваат сите мерки за безбедност и да му се влее на народот сигурност да се одлучи да отиде на концерт. Како влијаат овие две реалности на вашето работење периодов?
Авалон: Ние сме можеби единствените на кои тоа им одговара. Како Продукција, воопшто не би се нафатиле да организираме концерти доколку не сме подготвени на истите да ги спроведеме сите пропишани протоколи и да ги испочитуваме сите мерки за безбедност. За разлика од останатите квази промотери кои закажуваат па веднаш откажуваат, ние даваме гаранција на народот со образложување на мерките веднаш во самата објава - и секако, тука е и довербата кај народот за која макотрпно сме се избориле :)

Во контекст, како воопшто изгледа да се орагнизира било што периодов? Логистичкото мајсторство е она што доаѓа најмногу до израз?

Авалон: Логистичкото мајсторство сега повеќе од било кога ја покажува поделбата и хиерархијата во овој бизнис. Сега, не секој може да спроведе концерт, и веруваме дека тоа е кристално јасно кај народот.

Кога разговаравме во март, целта на Авалон за годинава беше да ги извади луѓето што почесто од дома и да им понуди фини и културни настани. Факт е дека да се направи план и реализира годинава е речиси невозможно. Што е сега целта?

Авалон: Околностите се сменија, работите максимално се отежнија, а нашата цел и детерминација останува и секогаш ќе биде иста.

Ситуацијата со пандемијата предизвика промени, а сè повеќе се зголемува стравот од финансиската неизвесност во речиси сите сфери и сектори. Ќе помогне ли ова одобрување од властите да се прават концерти (што и го правите), да се остане на нозе и да се ублажи ударот, или повеќе влијае на психологијата да се почувствуваме „нормално"?

Авалон: Дефинитивно повеќе влијае на психологијата. Служи како едно потсетување на минатото и хинт за иднината кон која целиме, кога се' ова ќе заврши. Концертите во време на корона се сила која не' здружува сите- организаторите, артистите и фановите и ни покажува дека всушност заедно ги сносиме убавините и ризикот кој доаѓа со нив.

Објавено:
8 август 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.110 пати