„Балет“ на Маја Златевска е најдобра фотографија на конкурсот на тема „Емотивната страна на културата“

2 декември 2014

Триесеттина фотографии беа претставени на изложбата што вчеравечер беше отворена во Македонската опера и балет во Скопје, а која што ја организира „Еуролинк осигурување“ во рамки на проектот „Денови на фотографијата“. На тема „Емотивната страна на културата“, стручното жири, составено од познати фотографи и уредници, за победничка ја прогласи Маја Златевска со нејзиното дело „Балет“. За освоеното прво место таа ќе добие ваучер во вредност од 60.000 денари. По неа се пласираа Виктор Поповски и Елена Илиоска кои за втората и за третата позиција освоија по еден ваучер од 30.000 и од 15.000 денари.

Победничката на фото - конурсот Маја Златевска Победничката на фото - конурсот Маја Златевска

Изложбата во МОБ ќе биде отворена до среда, 10 декември 2014 година a средствата од продажбата ќе бидат донирани во одделот за Дигитални уметности (фотографија) во Средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, додека 12 фотографии, вклучувајќи ги и наградените, ќе се најдат во календарот за следната година.

Отварање на изложба Денови на фотографијата Отварање на изложба Денови на фотографијата

Во периодот од 15 октомври до 15 ноември 2014 година пристигнаа околу 200 фотографии на тема „Емотивната страна на културата“ на „Фејсбук“-профилот на „Еуролинк осигурување“. Вљубениците во оваа уметност, аматери и професионалци, испраќаа свои дела со најемотивните моменти од концерти, претстави, перформанси и други културно-уметнички и забавни манифестации.

Проектот „Денови на фотографијата“ е дел од платформата за општествена одговорност „Еуролинк - Вашата врска со вистинските вредности” чија цел е поддржување и афирмирање на македонската култура и уметност.

 

Објавено:
2 декември 2014
Категорија: 
Култура