Балетската претстава „Самсон и Далила“ утре во МОБ

14 јануари 2019

Во Македонската опера и балет утре, со почеток во 20 часот ќе биде изведена балетската претстава „Самсон и Далила“, на музика на Камиј Сен-Санс.

„Самсон и Далила“ е во кореографија на Роналд Савковиќ (Хрватска),  а во насловните улоги ќе настапат: Александра Мијалкова и Васил Чичијашвили од Грузија.

Во улогата на Крв: Саша Ефтимова, Месо: Ендру Кук (Англија),  Церемонијал мајстор: Мирослав Митрашиновиќ и Смрт: Олга Панго.

„Самсон и Далила“ обработува библиска приказна за вечната борба помеѓу доброто и злото. Приказна за страста, заведувањето, предавството и смртта... Во Лајмеровото либрето местото на дејството е Газа, Палестина, околу 1150 година п.н.е.

Трите чина се одвиваат на три различити места – плоштадот, шаторот на Далила и храмот.

I ЧИН

Првиот чин се одвива на плоштадот каде Самсон, заедно со Хебрејците крева востание против Филистејците.

II ЧИН

Вториот чин се одвива во шаторот на Далила во кој доминира огромен кревет. Креветот симболизира бојно поле, каде Далила и Самсон водат „војна“ еден против друг.

III ЧИН

Во храмот на Филистејците. Самсон и Хебрејците се поразени од Филистејците. Филистејците доминираат се до драматичниот крај.


Враќањето на состојбата од првиот чин на плоштадот може да ни помогнe да го разбереме стресот како волшебен затворен круг на времето.

Објавено:
14 јануари 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
531 пати