Бенвенути тути на „Златна бубамара“: Домашните херои, „Вардар“ и „Медена земја“ посилни од сите политичари

28 февруари 2020

Концептот на „Златна бубамара на популарноста“ е одамна познат. Впрочем, вчеравечер се одржа по 23 пат. Дваесет и три години наназад се смееме на наша сметка, се смееме од мака, плачеме од тага, а некогаш и од среќа.

Но, оваа „Бубамара“ изобилуваше со емоции што го надвадеаја хуморот. Ова издание како да беше посебно свртено кон домашните херои, па како никогаш до сега се делеа аплаузи и овации.

Како и секоја година, почетокот беше резервиран за најмладите. „Златна бубамара на популарноста“ ја отворија членовите на танцовото студио „Еурека“, кои прикажаа дела од нивната претстава „Пепелашка“, која воедно е првата претстава во која главните улоги ги имаат лица, односно деца со попреченост и/или инвалидитет и која праќа порака за љубов, толеранција, прифаќање, хуманост и емпатија.

Наградата за инклузивност беше поздравена со громогласни аплаузи и овации, како најава за она што ја очекува публиката во текот на целата четиричасовна забава.

Потоа на сцената се појавија Драган Спасовски -  Дац и Александар Митевски, кои ја расположија публиката со нивниот хит „Ми фалиш“.

Честа да ја поздрават први публиката и да ѝ посакаат добредојде ја имаа Ранко Петровиќ – Бубамара и Ирена Спировска, водителите на првото издание на манифестацијата.

-Кога пред 23 години ми се јави Ранко и ме покани да направиме нешто, што не го ни разбрав точно што е, само реков: „Во ред, ќе дојдам“, никој не веруваше, па веројатно ни тој самиот, дека ќе прерасне во манифестација која ќе трае толку долго, ќе ги негува вредностите и ќе биде една од најпочитуваните кај нас – се присети Спировска.

-Годинава слоганот е „Нема правда, има Бубамара“, сите награди се изгласани, нема да седиме до пет, а и ќе ви биде поубаво од сите вести што би ги слушале – се надоврза Петровиќ.

Посебна атмосфера се случи при настапот на Џокси и академскиот хор „Мирче Ацев“, при заедничката изведба на хитот „На Велигден сум се заљубил“. Во сосема нов аранжман, Џокси во салата која се претвори во ѕвездено небо ја испеа песната која е прогласена за „Песна за век и векови“.

-Оваа песна стаса и до учебниците по музичко образование, а наградата се надевам само ја потврдува вредноста што ја има – е дел од изјавата на пејачот.

После громогласниот аплауз и овации, на сцената се појави и Сашко Коцев:

-Бенвенути тути на „вентитресимо“ Златна бубамара, не тредичи, „вентитре“. 

Публиката се насмеа и на шегите за добивањето датум и како ние сме станале всушност „Датумска Македонија“, по што ја најави пејачката на годината со хитот на годината – Тамара и песната „Proud“.

-Добровечер Македонијо! Голема благодарност до тимот што овозможи да го направиме најдобриот пласман на Македонија на Евровизија, на моето семејство, посебно сопругот, на кој падна сиот товар и фановите кои ме подржуваа и кога бев на врвот, но и кога ја направив таа ненамерна грешка – изјави пејачката по што ја отпеа евровизиската нумера и беше испратена со овации и аплаузи.

Но, појавувањето на Гораст Цветковски (најавен како Перо Антиќ) како 2/3 Перо Антиќ како што самиот се нарече и Панчо, како 1/3 Перо Антиќ искрено ја насмеа публиката. Тие двајца како еден Перо Антиќ, ја најавија Илина Арсова, која ја освои наградата за спортски подвиг. За потсетување, Арсова го искачи годинава врвот Винсон на Антарктикот, висок 4892 метри, со што го комплетираше потфатот „Седум врвови“ и стана првата Македонка која ги искачила највисоките планини на сите седум континенти.

Илина Арсова

-Искачувајќи ги планинските врвови, ги искачував и врвовите во себе. Научив да сум среќна и без телефон, продавници... Промените во природата се одвиваат бавно, а човекот живее многу брзо. Но, треба да научиме убаво да ја сакаме природата, како што треба и себеси. Тој што не ја сака природата, не се сака ни себеси, а следствено ниту е среќен. Ја посветувам оваа награда на Охрид и на Преспа – посочи Арсова.

Како што и беше најавено, наградата за животно дело отиде во рацете на кавалџијата Ангеле Димовски. Настапот што тој го имаше со синот Гоце и групата „Синтензис“ со песната „Во наше село“ е нешто што ќе ви разбуди најдлабоки емоции, нешто на што нема да останете рамнодушни и што ќе ве направи да се чувствувате горди на традицијата. Доказ за тоа е и громогласниот аплауз и стоечките овации кои ги добија.

Ништо помалку емотивен нема да е и настапот на Раде Шебеџија, кој во чест на нашиот Тоше, ќе ја отпее песната „Остала си увјек иста“, која во оригинал ја изведува Мишо Ковач.

-Секоја награда е добредојдена, но брзо заборави ја, за да отвориш простор за идниот живот – рече Шербеџија.

Ова беше посебна вечер и за Столе Попов, кој ја доби наградата за животно дело во сферата на филмот. Правејќи ретроспектива на неговата работа, сите присутни се присетија на неговата големина, талент и богата кариера.

-Чест ми е и големо задоволство. Не ми се верува дека поминаа 50 години од мојот прв краток филм, а 40 од првиот игран филм. Тоа е доказ дека времето навистина лета. Низ овие години, се раководев од златното правило на секој филм да приоѓам со отворено срце и душа, воден од инстинкти и интуиција и тоа е единствениот пат да се направи добро дело. Но, не го заборавив и она што ми го кажуваше мојот учител а тоа е дека, секое уметничко дело, а посебно филмот се раѓа два пати. Еднаш кај оние што го создаваат, а втор пат кај оние што го погледнале. Филмот е успешен колку што ќе успее да разбуди емоции кај гледачот – рече Попов.

А кога сме кај филмот, стоечки овации го пречекаа тимот на „Медена земја“ кои се добитници на наградата за Интернационален успех. Режисерката Тамара Котевска и директорот на фотгорафија, Фејми Даут, во присуство на Атиџе Муратова и дел од семејството Сам, кое првпат имаме можност да го видиме на некоја јавна манифестација.

-Ваква чест не се заборава. Ова немаше да го добиеме ни на „Оскарите“, сигурно. Она што немавме шанса да го кажеме таму, ќе го кажеме сега. Светот се измори од лажни херои и затоа овие луѓе се сега со нас – посочи Котевска.

Атиџе ги почести присутните со нејзина песна, која допре до сите, кои не ги штедеа аплаузите.

„Танец“ беше прогласен за културен амбасадор на Македонија. Во годината кога одбележаа 70 години постоење, со нивниот настап уште еднаш потсетија зошто треба да го сакаме и да го поддржуваме. Како што вели и тамошниот тим, „Танец“ е душата на Македонија насекаде низ светот.

Веројатно еден од моментите што најмногу ќе се паметат од оваа 23 „Златна бубамара на популарноста“ е доделувањето на наградата за Спортски успех. Таа му припадна на РК „Вардар“. Честа да им ја доделат ја имаа коментарорите од Спортската арена, Стеван Стевановиќ и Сретен Рашковиќ. Тие се заблагодарија за можноста да бидат дел од оваа голема приказна, како и за љубовта што ја добиле од тука, но сепак дека сите заслуги и аплаузи одат кај „Вардарци“.

-„Вардар“ напиша бајка, чувајте ја таа бајка. Не ја уништувајте. И исто така, вие сте земја на европски шампиони, ве молам и однесувајте се така. Ве молам – порача Стевановиќ.

Сите во публиката му станаа на спортското дуо, како и на дел од присутните ракометари искажувајќи ја уште еднаш својата почит и восхит. Атмосферата стана уште поемотивна со изведбата на „Ја излези Ѓурѓо“ на „Некст тајм“ и видео инсертите од освојувањето на Лигата на шампионите.

Во текот на вечерта, награда за трајни вредности во рок музиката му припадна на Ристо Вртев, односно „Архангел“.

-Сум бил наградуван, не дека не сум, но ниту една награда не се наоѓа во мојот дом. Оваа ќе си ја задржам – кажа Вртев, упатувајќи зборови на благодарност до своите најблиски и соработниците доавајќи:

-Му благодарам и на Блаже Конески, кој ми ја откри убавината на нашиот јазик. Сè додека  македонскиот јазик е во употреба, ќе нè има и ќе нè биде – изјави музичарот и ја почести публиката со нова изведба на „Везилка“ од Конески, но и старите хитови „Милион долари“ и „Убер Македонише“.

На ова 23 издание се зборуваше и за датумот за влез во НАТО, и за загадувањето и за рекетот, сето она што ја „тресеше“ државата изминатава година.

„Дотако сам дно живота, али ти ми тросед узе, еј проклети женски створе“, „Како да те Кики моја, како да те Фрики моја, како да те Џики моја, на тренутак заборавим“, пееше Сашко Коцев.

Не беше поштедена и темата за личните карти и пасошите.

„Нема пасоши, па нема пласика. А зашто нема пластика, па ја горат. Само треба да ти текне“, се шегува актерот и водител.

Посебно ќе се насмеете на деловите каде зборува како се „расфрламе“ со дишењето воздух, како и тоа дека најупотребуван збор во јазикот ни е „газ“.

Но, без разлика на сето она што нè окупира во секојдневието, оваа „Златна бубамара“ покажа дека сме желни за домашни херои кои ќе го разубават ова сивило, но и дека ги имаме и треба да ги почитуваме. Сите спомнати тука, што добија овации и громогласни аплаузи се секако дел од нив. А сигурно има и такви за кои допрва ќе дознаеме.

За вас што не бевте, 23 издание на манифестацијата ќе се емитува в недела, на „Канал 5“ телевизија.

Во продолжение уште фотографии од вчерашната атмосфера:

Наградени:
Златна бубамара за инклузивност: Танцово студио „Еурека" за претставата „Пепелашка"
Златна бубамара за најдобра детска тв серија: „Дајте музика"
Златна бубамара за песна за век и векови: „Велигден", Џокси
Златна бубамара за најдобра пејачка: Тамара
Златна бубамара за хит на годината: Proud, Тамара
Златна бубамара за спортски подвиг: Илина Арсова
Златна бубамара за најдобра сатирична емисија: „Фчерашни новости"
Златна бубамара за трајни музички вредности: „Електричен оргазам"
Златна бубамара за најдобра театарска претстава: „Мој термин", МНТ
Златна бубамара за најдобар театрски актер: Јордан Симонов
Златна бубамара за најдобра театарска актерка: Тања Кочовска
Златна бубамара за најпопуларна регионална ѕвезда: Јелена Розга
Златна бубамара за животно дело: кавалџијата Ангеле Димовски
Златна бубамара за интернационална награда за животно дело: Раде Шербеџија
Златна бубамара за концерт на годината: Влатко Стефановски
Златна бубамара за животно дело во сферата на филмот: Столе Попов
Златна бубамара за најголем интернационален успех: „Медена земја"
Златна бубамара за амбасадор на македонската култура: „Танец"
Златна бубамара за спортски успех на годината: РК „Вардар"
Златна бубамара за музички продуцент: Мите Димовски – „Тра ла ла"
Златна бубамара за најпопуларен тв проект: „Преспав"
Златна бубамара за тв-актерка: Јелена Јованова
Златна бубамара трајни музички вредности во рок музика: Ристо Вртев – „Архангел"
Златна бубамара за трајни музички вредности: група „Галија"
Златна бубамара за пејач на годината: Влатко Лозановски

Објавено:
28 февруари 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
35.620 пати