Блашка Ми Ева: Создавам уметност за сонувачи

7 јули 2014

Таа и самата е сонувач, а и уметник. И таа е уметник кој создава уметност за сонувачи.  Првенецот на генерацијата 2008/09 на Факултетот за ликовна уметност во Скопје едноставно е предодредена да ги пресликува соништата во опиплива уметност со оглед на тоа дека пораснала во семејство кое во својот генетски код ги негува и пренесува уменичките вредности. Блашка ќе ја препознаете по бескрајниот колорит и имагинација склопени во мозаикот на нејзиниот уметнички израз потпишан со веќе препознатливата етикета Блашка Ми Ева.

Најдобриот студент на генерацијата 2008/09 на Факултетот за ликовна уметност во Скопје сега веќе е еден од најпрепознатливите млади урбани уметнички творци кој создава под етикетата Блашка Ми Ева. Како уметницата Блашка созреваше до создавањето на својата препознатлива етикета?

Уметник не се станува преку ноќ. Уметноста е еден процес кој не секој може да го развива и да го живее. Потекнувајќи од уметничко семејство, ликовните вредности секогаш биле присутни, и уште како дете ја барав ликовноста и се трудев да ја увидам или пак да ја создадам кај повеќето нешта. Не секогаш беше успешно. Но, со соодветната едукација, првенствено во средното уметничко училиште, каде  бев на отсекот текстил и облека, кај професорката Лира Грабул, се здобив со незаменливо образование во поглед на ликовноста, бојата, формата, техниката, се она што е потребно за почеток на еден процес, а тоа е процесот како да станеш уметник. Секако, благодарение на останатите професори во училиштето со добиеното знаење, продолжив на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Таму бев на отсекот сликарство, со подотсек конзервација и реставрација на фрески и икони. За време на студиите имав можност да бидам демонстратор по цртање и сликање, и тоа беше едно дополнително искуство за мене поврзано со уметноста. Знаете, Уметник не те прави статусот кој сам си го даваш. Тој се гради, тој се создава. Статусот кој се создава, созрева со времето, созрева со самопознавањето и со прифаќањето од општеството. Притоа, само по себе доаѓа и тој препознатлив стил на работа.

 

Мозаикот на твојот уметнички профил е богат- создаваш накит, мозаици, црташ, сонуваш… Како самата ја дефинираш својата сестрана личност?

Желбата за откривање нови нешта, секој нов ден, со нови луѓе и места, секогаш ме инспирира да создавам. Секој ден ми претставува  уметнички предизвик и едноставно уметноста е нераскинлив дел од мене.

 

Која е онаа најспецифична црта во твојот уметнички опус по која друите те препознаваат?

Живописниот и контрастен колорит, обидот и способноста во било што, да најдам нешто убаво  и да се инспирирам, да создавам уметност за сонувачи. Уникатна, смела и храбра жичка на уметност. Мојата уметност е  за сонувачи.

 

Какви приказни раскажуваш преку накитот кој го создаваш? Има ли нешто лично во целиот тој креативен свет или се инспирираш од надворешноста?

Накитот е само еден минијатурен фрагмент од една цела слика, една цела композиција. Секоја колекција накит најпрвин е една целосна перцепција на некаква приказна, која била доволно провокативна за да ја пренесам во една уметничка форма. Во секоја приказна има повеќе приказни. Јас, во секоја приказна ја прикажувам мојата лична, интимна и чиста емоција, но и севкупната перцепција на нештата.

Раскажувам за луѓе, градови, улици, цвеќиња, спомени, дождови, бубамари.... И , се раскажувам себеси.

Во расплетувањето на твоите дизајнерски творби какви техники користиш? Има ли нешто невообичаено во тој креативен процес, што е специфично само за твоите ракотвоби?

Можам да кажам дека целта ми е да се обидам со што е можно повеќе техники. Досега имам работено колекции на накит од глина, пластика, дрво, плексиглас, а во моментов сум насочена кон металот. Во поглед на техниката, морам да признаам дека некако сеуште се придржувам до класичните сликарски техники и алатки, како што се четките, боите. Дизајнирање на само една обетка која би се носела поединечно, е нешто што веќе одамна го правам. Стилот е тој кој ги карактеризира сите мои дизајни. Веќе споменав, смелата и храбра жичка во сите мои дела е специфичниот момент.

Ако го прелистаме твоето портфолио, какви се колекции, изложби, проекти ќе сретнеме?

Со текот на годините, секако дека се менува и расте интересот за различни видови уметност. Такашто, во досегашните достигнувања би ги издвоила 2 те самостојни изложби, многубројните  групни изложби , учество на мноштво ликовни колонии, работилници за накит, дизајн и уметност. Од поскоро време би ја спомнала групната изложба во македонскиот центар, Прима Берлин, во Берлин, па потоа последно нешто беше групното изложување на првиот Арт Фест во Скопје, каде за првпат изложував дигитални слики.

Секако имам повеќе колекции на накит, меѓу кои  е последната “Градови“ каде употребував плексиглас во боја во техника мозаик.

На што работиш во моментов, што е твојата актуелна креативна преокупација?

Во моментов сеуште работам на последната колекција накит “Raindrops” , со што и самиот наслов укажува од каде е инспирацијата. Дождот како колоритен транспарентен облик, кој има флуидна динамика, го трансформирав во парчиња накит од метал (алуминиум). Сметам дека сеуште имам простор да истражувам во оваа колекција, бидејќи ми нуди голема можност на варијации.

Имаш учествувано на повеќе изложби со различни концепти, но покрај ова што мислиш кои се другите начини на комуникација со публиката и колку ти ги применуваш?

Во денешно време, секако дека интернет комуникацијата со публиката е екстремно важна и неизбежна. Дури и многу полесно и побрзо се постигнува ефектот на масовна гледаност на уметноста. Целосно  ги применувам , бидејќи многу ми значи секојдневното мислење на публиката.

Како може да допреме до твојата уметност и да си го купиме омиленото парче потпишано со ракописот на Блашка Ми Ева?

Да се надоврзам, моите дизајни на накит се достапни на мојата фан страна на фб, каде секој може да ги погледне и на мое огромно задоволство, да си го одбере омиленото парче накит.

Што да очекуваме од тебе во иднина? Каде се насочени твоите соништа?

Веќе во подготовки, работам на мојата 3 та самостојна изложба која би била во блиска иднина.  А, моите соништа? – Соништата на Блашка Ми Ева се едноставни. Соништа исполнети со љубов, среќа, здравје и инспирација. Ништо повеќе. Ако ги имам овие нешта, успехот е неизбежен.

 

 

 

Објавено:
7 јули 2014
Категорија: 
Култура