Богата програма на шестото издание на фестивалот за електронска музика и медиумска уметност - де:сонанц

17 октомври 2014

Шестото издание на Фестивалот за електронска музика и медиумска уметност де:сонанц, оваа година ќе се одржи од 22 до 25 октомври на различни локации низ градот.

Фестивалот ќе биде отворен на 22 октомври во 20 ч., во Кинотека на Македонија со прикажување на најдобрите музички видеа од Германија за 2014 година, кои пред неколку месеци беа премиерно претставени на Фестивалот за краток филм во Оберхаузен. Освен тоа, публиката ќе има можност да проследи селекција од 13 популарни, експериментални, политички и субверзивни, но пред сè забавни видеа од изминатите 15 години, кои се издвојуваат наспроти едноличноста на стандардните музички видеа направени за телевизиски потреби.

Музичката програма на фестивалот ќе започне истата вечер во 24 ч. во клубот Капан Ан со програмата „BTKRSH Night“, која се реализира во соработка со колективот BTKRSH (БИТКРЕШ), еден од најактивните и најиновативните електронски музички колективи во земјава. Со свој сет ќе се претстави германскиот артист Opium Hum (Опиум Хам) чии фантастични звучни пејзажи проширени со длабоки и менливи ритми создаваат состојба што може да се опише како „буден сон“ на кој совршено ќе се надоврзат мрачните и моќни техно звуци на Ancient Methods (Еншнт Методс). Секако вечерта не би била комплетна без сетовите на Марчин и Андреас Херц од BTKRSH специјално подготвени за ова фестивалско издание, како и без визуелизациите на веќе реномираното виџејско дуо од Скопје Lazy Kidz Visualz (Лејзи Кидс Вижуалс) кое ќе се погрижи за визуелниот израз на настапите.

На 23 октомври во Отвореното графичко студио при Музејот на град Скопје сите фанови на Берлинската музичка сцена ќе имаат единствена можност да ја проследат панел-дискусијата во која учество ќе земе еден од нејзините најактивни и најпрогресивни членови Михаил Штангл алијас Опиум Хам. Тој е иницијатор на резидент вечерите во Berghain – “N≠E” (“Not Equal”), ко-организатор на забавите Leisure System (Лежр систем), еден од најзаслужните за основањето на Boiler Room Берлин, како и ко-куратор на фестивалот CTM (Клуб Трансмедиале). Тој ќе ги сподели своите искуства со локалните артисти, колективи и фанови и ќе раскаже нешто повеќе за електронската музика што потекнува од Берлинската сцена.

Главната и последна фестивалска вечер ќе се одржи на 25 октомври во клубот Станица 26 каде покрај настапите на локалните артисти Томи Бојаџи и Ултериор ќе имаме несекојдневна можност да го проследиме концертот на еден од најактуелните и најпопуларни бендови од Германија, триото “Бранд Брауер Фрик“ кое ја фасцинира публиката ширум светот со својот уникатен звук добиен со симбиоза на класични инструменти и електроника. Нивната музика е провокативна, понекогаш и контрадикторна, не може да се опише, но грандиозна е кога ќе се доживее. На следниот " target="_blank">линк може да се проследи дел од еден неодамнешен настап на триото.

Влезот во Кинотека на Македонија и Отворено графичко студио е слободен.

Билетите за “Капан Ан“ чинат 300 денари, а за “Станица 26“ 200 денари и може да се набават пред почетокот на најавената програма на самиот влез во клубовите.

Фестивалот го организираат Гете-институт Канцеларија за врски, Скопје и НВО Домино, а новина е приклучувањето на колективот BTKRSH кон фестивалскиот тим.

Објавено:
17 октомври 2014
Категорија: 
Култура