Бојан Велевски направи промоција за неговата стенд-ап турнеја „Све ли ја да мислам?!"

4 септември 2023

Актерот Бојан Велевски денеска направи голема промоција за неговата стенд-ап турнеја, насловена како „Све ли ја да мислам?!".

Велевски иако досега не беше многу присутен во медиумите, години наназад напорно работи со неговиот менаџер и настапува речиси во сите градови во Македонија.

Стенд-ап турнејата „Све ли ја да мислам?!" ќе го има своето деби во Прилеп, на 13-ти септември.
Големото финале на турнејата ќе се случи на 18-ти ноември во Скопје, во Станица 26, а картите можете да ги купите ТУКА 

Актерот веќе неколку години е дел од „Lollipop entertainment group" - одговорна за кариерата на многу домашни големи артисти. Покрај Бојан, меѓу нив е и DJ Babura Junior, кој во знак на поддршка ја отвори големата промоција на „Све ли ја да мислам?!".

Водителот Марко Новески на самиот почеток го покани текстописецот на „Све ли ја да мислам?!", познатиот Божидар Божиновски, да им се обрати на присутните.

„Инспирација има насекаде околу нас, дури и во поголеми количини отколку што можат да се опфатат во час и нешто стенд-ап. Има за до пензија инспирација стенда-пи да се пишуваат и после на децата да остане ко дуќанче. Со години чекам денови каде што ќе нема инспирација и ќе треба да се мисли на тапети или пердиња или со што и да се замараат оние што живеат во нормални општества. Опфатено е секојдневие, она што сме ние, она како сите ги гледаме другите и како другите нѐ гледаат нас, запознавање на природа и општество за повисоките одделенија", истакна Божидар за инспирацијата за текстот за големата турнеја.

Веднаш по неговото обраќање, Велевски преку сатира, односно на специфичен, за него карактеристичен начин го означи почетокот на големата стенд-ап турнеја низ Македонија. Покрај шегите што ги кажа „на своја сметка" и откри дел од материјалот кој публиката ќе има можност да го слуша - го нагласи и мотивот за реализирање на волку голем проект на домашната сцена.

„Оваа турнеја ја правам пред сѐ за сцената. Како што тоа изминатиов период го направија ДНК, Некст Тајм и Дарио, време е и комичарите да почнат да прават големи работи, а не само настанчиња за 60-70 луѓе секој втора недела", рече актерот, па додаде:

„Затоа и ја барам поддршката од уметниците и општо сцената во Македонија. Да го свртиме вниманието кон стенд-ап сцената, која треба да е коректив во реално време на општеството".

За успешна кариера и реализирање на соништата, секогаш е потребно да имаш некој кој безрезервно ќе те поддржува и ќе ти ги отвора патиштата до успехот. Во случајот на Бојан тоа е неговиот менаџер Јане Јанев, сопственик на „Лолипоп".

„Соработката ја почнавме за време на пандемијата, 2020 година, а за тоа време бевме многу активни и емитувавме неколку лајв шоуа. На почетокот беше тешко да се променат старите навики како и да се добие довербата дека некој искрено работи на неговата кариера, но после првите нови чекори и осознавањето на целосната слика јасно ги увиде своите мани и лесно понатаму ги претвори во успешна голема приказна...

Во една реченица, почна да се фокусира на својата кариера, а на страна ги тргнавме сите претходни болки и неправди од нашето корумпирано општество. Се потруди и промени доста од работите, почна безрезервно да помага на околината и на младите артисти, цели 2 години ја обиколивме МК со карти достапни за сите и сето тоа само со една цел - Македонија да стане посреќно место за живеење, народот да биде насмеан, наместо гневен од општествените случувања. Поддршката за Бојан значи и подршка за младите артисти, но и подавање рака на сите оние несреќници кои претходно пробале да затвараат врати", искрен е Јане.

Оваа турнеја не би била иста без поддршка од големи компании - „Vatanmed Clinic Macedonia" која е генерален спонзор, „Подравка" и „Реморкер". Велевски со гордост ја истакнува и поддршката која неизмерно ја добива од „Lollipop entertainment group".

Објавено:
4 септември 2023
Категорија: 
Култура