BookStar: Вечерва промоција на „Наследството на Вероника“ на Моника Трајковска

4 ноември 2016

Организацискиот тим на Фестивалот на европската книжевност „BookStar“со големо задоволство ја најавува промоцијата на дебитантскиот роман на младата македонска писателка Моника Трајковска, како дел од програмата Македонска поддршка. Вечерва, со почеток во 20 часот, во „Јавна соба“ ќе биде промовиран првиот дел од научнофантастичната трилогија „Наследството на Вероника“ со наслов „На работ од времето“.

Романот ќе го промовираат познатите „твитерџии“ Маја Стојчевска, Михајло Стојанов, Марија Андреева и Дејан Миноски. По промоцијата следува журка со оригинален гитарски перформанс на „Гитара пет“ и со ДЏ сет на  Ж’ба Autmind.

Возбудливиот прв дел од научнофантастичната трилогија „Наследството на Вероника“ ве воведува во Новиот Почеток, совршениот свет од иднината, во кој не постојат неизлечиви болести, сиромаштија, криминал, војна... или барем навидум е така. Животот на Вероника е мошне едноставен. Таа се буди, појадува, чита книги, руча, повторно чита, вечера и легнува да спие. Нејзините родители поголемиот дел од денот се на работа, а бидејќи нејзиното постоење е тајна и таа не смее да излезе од дома, ги гледа само за време на појадокот и на вечерата. Оваа рутина трае сè додека еден ден тие нема да се вратат од работа. Токму тогаш и започнува нејзината најголема авантура.

Таа ќе мора да го напушти домот што долго време ѝ бил безбеден „затвор“, а потоа и градот, за да ја заштити својата тајна. Надвор, во старите градови, за кои била учена дека веќе не се населени, таа запознава група луѓе што ќе ѝ го срушат сето знаење за животот на човештвото. Вероника ја запознава другата, темна страна на новиот свет, доживувајќи непредвидливи авантури и соочувајќи се со сето она што сè до нејзината деветнаесетта година било криено од неа. Сепак, ова патување не е безнадежно и Вероника открива дека поседува чудни моќи што од ден на ден сè повеќе учи да ги контролира. Таа конечно почнува да разбира зошто живеела скриена од целиот свет, но и дека нејзиното постоење е уште поголема мистерија...

Моника Трајковска

Авторката на романот, Моника Трајковска, е родена на 26 мај 1989 година во Скопје. Уште од рана возраст покажува заинтересираност за човечкиот ум, па тоа ја води кон факултетот за психологија. По дипломирањето, сакајќи да дознае повеќе за однесувањето на луѓето, завршува и прв степен во областа на гешталт-психотерапијата. Смета дека целото искуство за време на студирањето ѝ помогнало при создавањето на ликовите од трилогијата „Наследството на Вероника“.

Викендов на програмата е и проекцијата на филмот „Не сум таму“ (I’m not there) во рамките на филмската програма. Проекцијата е оваа сабота во Јавна соба од 14 часот, а модератори се Контракадар Скопје.

Бидете дел од светот на уметноста од 24 октомври до 11 ноември.

Објавено:
4 ноември 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
142 пати