Д Фестивал не се откажува, но се одложува за август

15 јуни 2020

Десеттото издание на Д Фестивал наместо на почетокот на јули, кога вообичаено се одржува, годинава за прв пат ќе се реализира од 21 до 23 август во Дојран. Организаторите од „Пасворд продукција" ја донесоа оваа одлука како последица на актуелната ситуација со пандемијата во нашата земја, со што фестивалот се одложува 49 дена подоцна од вообичаената дата.

Интегрално ви го пренесуваме нивното соопштение:

-Оваа година ни започна со амбициозна подготовка на фестивалот, која резултираше со рекордна продажба и најголем интерес досега. Во текот на изминатите месеци напорно работевме да го подготвиме и адаптираме Д Фестивал на препораките за борба против ковид-19.

Бидејќи бројките на заболени во моментов не се на добра патека, решивме да го одложиме Д Фестивал 49 дена подоцна од закажаните датуми - од 21-23 август 2020 година, на локација Градски Парк - Дојран, во омилениот Д Камп. Во соработка и координација со нашите пријатели од Србија, ќе се одржи една недела по Exit Festival.

Со задржување на набавениот билет, го поддржувате фестивалот и музичката индустрија, а за возврат добивате можност со истиот да присуствувате на двете изданија на Д Фестивал - во 2020 и во 2021! Доколку не сте во можност да присуствувате на овогодинашното издание, билетот може да го задржите за 2021 година, а наскоро ќе бидат на располагање и различни решенија за поврат на средствата. Сите детали околу новите датуми и програма за Д Фестивал ќе бидат објавени наскоро.

Здравјето и безбедноста за нас секогаш биле на прво место и сакајќи да придонесеме кон наоѓање решение на моменталната кризна ситуација, заедно со колегите од останатите продукции, се соединивме во новото здружение на културни промотери. Според насоките од Светската здравствена организација, кои предложија враќање на фестивалите во светски рамки, изработивме и детален предлог-протокол, поттикнат од позитивното искуство на соседните и европските земји кој го доставуваме до надлежните институции.

Ние, како и вие, се' уште се надеваме на официјални решенија и дозволи за одржување културни настани. Со ова известување апелираме до надлежните институции дека е време да ги препознаат огромното влијание и позитивната улога кои ги имаат настаните од културен карактер за нашето општество.

Веќе десетта година по ред, најголемиот фестивал на отворено во Mакедонија - Д Фестивал, претставува најспецифично музичко соединување кое привлекува над 30.000 посетители за само три дена. Oд првото, па се' до последното издание, фестивалот од една бина на напуштен паркинг, се прошири на 20.000 квадратни метри, вклучувајќи пет сцени на кои заедно со нашиот тим, помагаа 200 волонтери и над 600 соработници. Низ годините, со многу работа и напор, Дојран стана центар на музичките случувања, како и станица на голем број светски познати изведувачи како Manu Chao La Ventura, Wilkinson, Stereo MC's, Roger Sanchez, Toy Dolls, Sigma, Goldie, Rudimental, Paul Van Dyk, Sevdaliza, Ofenbach, Captain Hook, Tom Novy, Akua Naru, Mahmut Orhan...

Вашиот Д Фестивал тим

 

Објавено:
15 јуни 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
129 пати
Тагови: 
Д Фестивал