Од денеска започнува „Македокс“

Детска филмска програма и креативни работилници во Музеј на современа уметност

19 август 2021

Фестивалот за документарни филмови „МакеДокс“ започнува денеска, а во соработка со Музејот на современата уметност - Скопје со особено внимание дел од годишната фестивалска програма им ја посветува на децата и младите.

Организаторите внимателно избраа неколку детски документарни кратки филмови во комбинација со кратки анимирани филмови со врвен квалитет, кои овој пат пристигаат далеку од север, од Норвешка.

Програмата почнува утре (20 август) во кино салата на МСУ, со почеток во 18 часот, со краткиот документарен филм „А утре ќе дојде рајот“ во траење од 28 минути и веднаш по него анимираниот долгометражен филм „Сцени од животот на една џукела“ во траење од 70 минути. Овие филмови се наменети за адолесценти од + 14 години.

А утре ќе дојде рајот

Во сабота на 21 август програмата за најмалите во МСУ започнува во 10 часот. На репертоарот е блок од неколку кратки норвешки анимирани филмови за деца до 9 години.

Во 12 часот МСУ и МакеДокс го најавуваат вториот блок на кратки документарни филмови за најмладите.

В недела на 22 август со почеток во 10 часот, блокот анимирани филмови е наменет за деца од 9 до 14 годишна возраст, а вториот блок документарни кратки филмови продолжува од 12 часот.

Copy of Life of a Mutt

Помеѓу блоковите на анимирани и документарни филмови и во сабота и во недела со почеток од 11 часот ќе се одржат креативни работилници на тремот на МСУ под отворено небо предводени од уметниците Јулија Манојловска и Никола Узуновски, а децата и возрасните ќе имаат можност и за прошетка низ актуелните поставки низ музејот.

Сите проекции во затворената кино сала во МСУ се бесплатни и бројот на посетители е ограничен на 30 проценти (до 20 посетители) од капацитетот на салата. Програмата ќе се одвива според најновите пропишани протоколи во услови на пандемија.

Објавено:
19 август 2021
Категорија: 
Култура
Прочитано:
88 пати