Дино Имери ќе одржи онлајн концерт во празна сала на Музејот на македонската борба

8 мај 2020

Нашиот реномиран пијанист, Дино Имери, утре ќе одржи концерт во живо во празна сала на Музејот на македонската борба, насловен како „Концерт во изолација“, информација што веруваме ги израдува љубителите на културата и уметноста.

Подготовките за истиот се пред крај, а го прашавме Имери како дојде до реализација на оваа идеја.

„Ме радува иницијативата на г-ѓа Даниела Николова и целиот тим од Музејот на македонската борба да го склопиме заедно овој концерт за сите љубители на уметноста со една едноставна, но силна порака: Животот продолжува, уметноста е вечна, нашиот дух нема никогаш да замре и во ситуации полоши од оваа во која во моментов сите се наоѓаме и сме на еден начин "заложници". На сите луѓе им пожелувам пред сè здравје, но истовремено длабоко се надевам дека ова ќе биде лекција за сите нас да изградиме уште посилно општество кое ќе се темели на хуманоста, високите човекови вредности, солидарноста и професионалноста. Најмногу од сè им се заблагодарувам на сите здравствени работници, но и сите други кои директно и несебично се справуваат со вирусот и последиците од него. На нив им го посветувам овој мој симболичен концерт“, ни откри Дино.

Околку тоа што ќе слушнеме на утрешниот концерт, ќе каже:

„Програмата е посебна од повеќе аспекти, бидејќи станува збор за дела кои ми се блиску на срце, но и кои мислам дека ни се особено потребни сега - музика за борбата, но и надежта и триумфот на духот наспроти сите тешкотии. Особено ме радува тоа што ќе ја изведам премиерата на аранжманот за пијано на првиот став од Брамсовата втора симфонија - аранжман во авторство на Дијана Имери Илкоска која успеа да го преточи звукот на целиот оркестар во едно пијано, притоа без партитурата да изгуби ниедна делница, задржувајќи го музичкиот контекст истовремено останувајќи вредна на оригиналот. Нешто што е особено тешко."

Покрај тоа настапот во живо ќе содржи изведби на дела од Бетовен, Брамс, Дебиси, Рахмањинов и други, а програмата во целост можете да ја погледнете во продолжение:

Целосната програма за концертот:

1) Л. ван Бетовен

Соната бр.27 оп.90 e-moll

2) Ј. Брамс
Симфонија бр.2 оп.73, Прв став - Allegro non troppo
(Аранжман за пијано: Дијана Имери Илкоска)
*премиерна изведба на аранжманот*
3) К. Дебиси
"Месечева светлина"
4) С. Рахмањинов - Прелудиум оп.23 g-moll
5) "Јас те пратив на вода, Калино"
(Аранжман: Дино Имери)

Концертот е со почеток од 18 часот.

Објавено:
8 мај 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
631 пати
Тагови: 
Дино Имери