До кога ќе мислиме локално, кога имаме глобални херои?

27 април 2015

Зошто секогаш се’ сведуваме на сензационализам, локални и површни теми и минливи, инстантни ликови покрај такви големи, звучни и значајни имиња од калибарот на Никола Маџиров?

Нескромно, но реално ќе кажам еден од најголемите поети на денешницата кој светот го гледа со воодушевување, а ние домашните, неговите, не сум сигурна колку му ја даваме заслужената почит и поддршка.

Неодамна, Маџиров во преполната хала со над 300 луѓе во Конгресниот центар во Минеаполис во САД, настапи заедно со Ричард Бланко, поетот кој Обама го избра да чита на неговата втора инаугурација за претседател на САД. Ричард Бланко и Маџиров се надоврзуваа, наизменично читајќи поезија поврзана со мотиви од детството и бегствата.

Ми се чини дека таквиот успех што се надоврзува на редицата други на Маџиров, помина безгласно. Да, неколку медиуми објавија и одбрана публика прочита, но сето тоа останува во затворен круг. Новинари што следат култура, стручна јавност, љубители на поезијата и книжевници-колеги.

За жал, пошироката публика можеби во некоја прилика, како ехо во позадина го слушнала името на нашиот голем поет, без да се информира за неговата животна приказна, за безбројните награди, преводите на над 40 јазици, неговата безвременска поезија и космополитскиот дух што таа го шири, за неговите деноноќни патувања низ светот пишувајќи и читајќи за нас, за неговиот преместен камен. Но, затоа сите се добро информирани за „судбината“ на ликовите од турските серии или се експерти за сите дневно-политички теми.

Ниту менталитетот ниту нашата култура не се изговор. Мое лично гледиште е дека станавме пасивни, не’ мрзи, наместо да прочитаме и сами да донесеме заклучок претендираме некој на тацна да ни ја сервира кратката содржина. И тука мислам на сите општествени учесници. Ни се случува забрзана декаденција, пад на сите општествени и културни вредности, а тоа ме плаши. Наместо Маџиров, медиумскиот простор го преокупираат квазипоети, квазиуметници, квазиексперти по сите можни квазитеми. А сите ние во нашето обично секојдневие наместо визионерски да го осмислуваме хоризонтот благодарение на ентузијазмот на ликовите како Маџиров,  не само што тапкаме во место, туку ни закржлавуваат сите сетила и полека се успиваме, ментално и духовно.

 

Стихови од „Сенките не одминуваат“

Еден ден ќе се сретнеме,
како бротче од хартија и
лубеница што се лади во реката.
Немирот на светот ќе
биде со нас. Со дланките
ќе го помрачиме сонцето и со фенер
ќе се доближуваме.
..

Маџиров е добитник е наградите „Студентски збор“, „Ацо Караманов“, „Браќа Миладиновци“ и европската награда за млад поет „Хуберт Бурда“, која се доделува на автори родени во Централна и Источна Европа..

Тој е координатор на меѓународната поетска мрежа „Lyrikline“ за Македонија. Бил учесник на повеќе меѓународни поетски фестивали и е добитник на неколку меѓународни признанија и стипендии, како: International Writing Program at University of Iowa; KulturKontakt in Vienna; Internationales Haus der Autoren Graz; LiteraturHause NÖ. Во февруари оваагодина, Маџиров ја доби меѓународната поетска награда „Левир литерер (Литературен квасец)“ за 2014 година, која ја доделува француско списание за литература и уметност. Тој е дете на светот и секое негово патешествие е раскажано преку маестрални стихови.

Ни недостасува суштина, покрај формата. Ни недостасува квалитет, покрај квантитетот. Ни недостасува активност, покрај пасивното набљудување. А за таленти? Ги имаме, барем за тоа не треба да се грижиме, само да почнеме да ги мотивираме, зашто така демотивирани не престануваат да бараат мотивација, само ја бараат далеку од тука.

„Кога некој заминува, сè што е создадено се враќа“, Н.М

 

 

 

Објавено:
27 април 2015
Категорија: 
Култура