Драмски театар ги откажува претставите поради протекување на кровот

9 октомври 2021

После долга пауза, на сцената на Драмскиот театар вечерва требаше да се одржи претставата „Мојот маж“, но за жал тоа нема да се случи.

Од Драмскиот театар упатија известување, до публиката, кое ви го пренесуваме во продолжение:

„Почитувана публико,

Ви соопштуваме дека вечерашната претстава "Мојот маж" се откажува. Поради протекувањето на кровот над сцената и проток на вода во близина на струјните кола кои се наоѓаат во овој дел од театарот, проценивме дека е небезбедно да се изведуваат претстави додека истото не се санира. Водата може да предизвика сериозни проблеми, пожар, струен удар и слично, за што мора да консултираме експерти кои би дале дозвола за понатамошна работа.

И покрај нашите планови да ги вратиме на репертоарот претставите кои не беа изведувани поради кризата со пандемијата, и навистина големиот напор на актерите и вработените во Драмски театар во многу кратки рокови да ги вратат претставите на сцената, за жал техничкиот проблем не можеме да го санираме со сопствени сили. Се надеваме дека ова во еден догледен рок ќе се санира и ќе можеме да продолжиме со нашите предвидени активности.
Со почит,
Драмски“.

„Драмски театар има одлични актери и претстави на сцената, но очајни услови за работа и тоа со години наназад. Ако макар еднаш сте биле гостин во театарот, тогаш знаете“, „Штета е вакви културни објекти да не се чуваат“, „Имаме два театри и тие не знаеме да ги чуваме“, се само дел од коментирите од публиката.

Со оглед на тоа дека и останатите театри во градот не се во добра состојба, искрено се надеваме дека ова јавно обраќање на институацијата, а и негодувањето на публиката, ќе предизвика внимание и желба да се посвети внимание и на овие културни објекти, бидејќи во конкретниов случај, Скопје, има желна публика за театар и актери (и сите зад сцената) кои заслужуваат подобри услови.

Инаку, за потсетување, Драмскиот театар годинава прослави 75 години постоење.

Објавено:
9 октомври 2021
Категорија: 
Култура
Прочитано:
361 пати