„ЏезВез“ со нова преработка на „Бело лице љубам јас“

11 јуни 2021

По обработка на „Каранфило филфило моме“ објавена неодамна, а која наиде на одлични реакции, составот „ЏезВез“ продолжува во истиот џез манир со втора обработка на, за нас добро познатата, „Бело лице љубам јас“: 

Вокалниот вовед кој не ја наговестува содржината на тоа што следи, аранжманското решение, солистичките партии и совршено искршениот ритам се одлика на ова музичко парче.

„Предизвикот и одговорноста да се обработува стара македонска песна е секогаш голем. Целта е секогаш иста, а тоа е да се даде едно ново "руво" нов призвук, белег на времето кое го живееме и секако, да се доближи тоа до што поголем број на публика, особено на помладата генерација која многу од старите песни воопшто не ги знае. Составот од музичари изведувачи кој го нарековме ЏезВез и позитивната енергија која ја имаат сите кои се дел од приказната, за мене претставува голема инспирација и можност за "експериментирање" во аранжманите.  Сакам секоја песна да добие своја, поинаква приказна од оргиналната, а при тоа да се задржи нејзиниот фундамент и богатство. Одиме понатаму!“, изјавува Никола Мицевски.

„ЏезВез“ е совршен приказ на сите различности по нарав, а сепак исти по суштина. Збир на зрела екипа, високо-свесна за вредноста и значењето за овие песни живеат! Во моментов работиме на преубав материјал и пресреќна сум за ова ново искуство кое ми отвори нови димензии; овозможи различен пристап, поинакво пеење, но секогаш со истото срцебиење. Слушајте македонска музика другари!“, порачува Дани Димитровска.

„ЏезВез“ нуди уникатна приказна и таа ќе трае. Допрва следуваат изведби кои ќе го задржат вниманието на публиката, а ќе нѐ потсетат дека и ова е совршен начин на негување на изворното.

До следната нивна креација – уживајте!

Објавено:
11 јуни 2021
Категорија: 
Култура
Прочитано:
572 пати