Два месеци по премиерата, деновиве имав прилика да го гледам „Џокер". Филмот крена прашина и ја поларизираше филмската стручна фела, која му даде екстремно спротивни оценки, но главниот порив да ја проследам новата филмска реинкарнација на најпопуларниот стрип антихерој, беше од позиција на гледач кој што само површно е упатен во дејствието и сакав да ја доживеам екранизирана другата страна на приказната и градењето на ликот зад кловновската насмевка.
Се соочив со два часа интензивен емотивен набој.
Филмот е тежок и ако очекувавте да се забавувате, заборавете. Но, слоевит, повеќедимензионален, социјален и политички, психолошки трилер што го бара вашето апсолутно внимание. Така и се диференцира публиката – едните ќе бидат фасцинирани, другите ќе „немаат желудник“ да го издржат.
Комплексната преобразба на антихеројот во херој и симбол на отпишаните, отфрлените, заборавените на дното на системот, Хоакин Феникс ја портретира толку доминантно, што целиот развој на сценариото го носи на своите плеќи. Безмалку ова е негова монодрама, маестрално одиграна. А тоа е и една од причините поради кои и му предвидуваат Оскар.
Неостварените соништа и илузиите, подгазувањата на достоинството, „нефер" капитализмот, незаинтересираноста на системот за „малите луѓе", од несудениот комичар и лик за потсмев, создаваат лик на злото, монструм што открива нов талент – одмазда преку насилство.
Преку сите трансформации на Џокер од Џек Николсон до Хит Леџер, Феникс се соочува со предизвикот да го постави ликот во друг контекст, што ви нуди оправдувања и бара разбирање за своите постапки. Сега за прв пат, тој е главниот лик, револуционер во својот „подземен" свет. Бетмен не е ниту тема на разговор.
Во многу релевантни светски медуми, од еминентни авторски пера прочитав како филмот го доживуваат како разочарување, алудирајќи на тоа дека се очекувало премногу. Но, ова нестандардно отскокнување на режисерот Тод Филипс од стандардизираното популистичко сценаро на суперхројските филмови, е сериозно во својата порака за проекција на хаосот кога сиромашните, угнетуваните и понижуванте кои постојано наидуваат на игнорирање од системот, ќе се запознаат со својот херој што се смее од болка... А приказната паралелно постојано ја следи уште една централна тема, а се однсеува на нашето ментално здравје.
Уметноста треба да поставува прашања и да отвора теми што политиката, естаблишментот и елитата ги сметаат за заканувачки по нивниот комфор, па во овој контекст „Џокер" не даде помалку од очекуваното, туку обелодени нешто што беше неочекувано.