Единаесетто издание на „Вечерите на женски права“ 6-12 март

6 март 2020

Единаесеттото издание на „Вечерите на женски права", оваа година ќе се одржи во знак на глобалната тема за одбележување на Меѓународниот ден на жената – 8ми Март: „Јас сум Генерација Еднаквост – остварување на женските права за еднаква иднина!"1, од 6ти до 12ти март.

„Вечери на женски права" е настан кој традиционално се организира од 2010 год. и нуди културна алтернатива на прославувањето на Меѓународниот ден на жената – 8ми Март. Настанот е во организација на Град Скопје, Универзитетот за аудио-визуелни уметности ЕФТА, Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет од Скопје и Телото на Обединетите нации за родова еднаквост и зајакнување на жените – UN Women.

Поздравни обраќања на манифестацијата ќе имаат Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, и Резидентната координаторка на ОН во Република Северна Македонија, Росана Дуџак. Потоа ќе следат разговорите со Ана Јовковска и нејзините соговорници Ленче Здравкин, Бојан Јовановски, Лулета Адеми и Ана Голејшка Џикова.

На отворањето на „Вечерите на женски права" ќе се прикаже хрватскиот документарен филм „Дневникот на Дијана Будисављевиќ" (2019) од режисерката Дана Будисављевиќ, која ја доби наградата за најдобра режија на Пулскиот филмски фестивал во 2019 година.

Дополнително, манифестацијата е збогатена со отворањето на две изложби – меѓународната ликовна изложба: „Будење", која вклучува 11 ликовни уметнички од земјава и од странство (кураторка Шќипе Мехмети) и изложбата на студентска фотографија „Кршење на обрасците" изработена од студентите од Универзитетот за аудио-визуелни уметности ЕФТА и Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет од Скопје.

Зошто:

8 Март е Меѓународен ден на жената кој за првпат е прославен во 1911 година. Тогаш, на 8ми Март, повеќе од милион жени и мажи во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија одржаа протести за остварување право на глас на жените и подобрување на работничките права.

Денес, 8 Март се одбележува како Меѓународен ден на жената за да се славaт економските, социјалните, културните и политичките достигнувања на жените и да се повика на остварување родова еднаквост.
Овогодинешната темa за одбележување на Меѓународниот ден на жената е во согласност со глобалната мултигенерациска кампања на UN Women, „Генерација Еднаквост", која ја одбележува 25-годишнината од Пекиншката декларација и Платформа за акција. Усвоена во 1995 година, Пекиншката декларација и Платформа за акција е прифатена како најпрогресивната агенда за зајакнување на жените и девојките ширум светот.

Кампањата „Генерација Еднаквост" има за цел да ги собере новите генерации на активист(к)и за права на жените - од кои многумина можеби и не беа родени во 1995 година - со застапниците за родова еднаквост и визионерките кои беа клучни во креирањето на Пекиншката декларација и Платформа за акција пред повеќе од две децении, со цел да се забрзаат напорите за остварување на родовата еднаквост и правата на жените и тие да станат реалност.

Кампањата цели кон предизвикување внимание и дејствување за клучните прашања, вклучително еднаква плата, еднакво споделување на неплатена грижа и домашна работа, крај на сексуалното вознемирување и сите форми на насилство врз жени и девојчиња, како и здравствени услуги кои одговараат на нивните потреби, еднакво учество во економскиот и политичкиот живот и донесување одлуки во сите области на животот.

Извршната директорка на UN Women, Пумзиле Мламбо-Н'гчука, по повод новиот извештај на UN Women „Осврт кон женските права по повод 25-години по Пекинг" изјави: „Во освртот кон женските права се покажа дека, покрај одреден прогрес, ниту една земја нема постигнато родова еднаквост. Еднаквоста не е само една четвртина од местата на масите на кои седат оние кои имаат моќ. Но, тоа е ситуацијата во рамките на раководствата. Мажите се 75% парламентарци, држат 73% од менаџерски позиции, присутни се во рамките на 70% кои се вклучени во климатските преговори, и скоро сите миротворци се мажи. Ова не е инклузивен и еднаков свет и ние мора да преземеме акција за да искреираме свет кој не е дискриминаторски спрема жените. Единствено половина е еднаков дел, и единствено еднакво е доволно".

Каде:

6 март: Младински културен центар (МКЦ)
19:00 – Отворање на меѓународната ликовна изложба: „Будење" (Галерија, МКЦ)
19:00 – Отворање на изложба на студентска фотографија „Кршење на обрасците" (Фоаје, МКЦ)
20:00 – Обраќање на Резидентна координаторка на ОН во Република Северна Македонија, Росана Дуџак и Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски
20:15 – Ана Јовковска и нејзините соговорници: Ленче Здравкин, Бојан Јовановски, Лулета Адеми и Ана Голејшка Џикова
21:10 – Проекција на документарен филм „Дневникот на Дијана Будисављевиќ" (2019)
22:50 – Концерт на групата „Киклоп"
8 –март: Кинотека на Македонија
11-12 март: Кинотека на Македонија
Влезот е СЛОБОДЕН.

Објавено:
6 март 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
109 пати