Единствена прилика да ги слушате String Forces на Кокино...

15 септември 2017

На Кокино ќе се одржи второто издание на мултимедијалниот фестивал „Тврдина на Сонцето"!

Во недела (17-ти септември) на локацијата на мегалитската опсерваторија КОКИНО, ќе се одржи новото, второ издание на целодневниот културен хепенинг „Тврдина на сонцето". Несекојдневниот мултимедијален фестивал и оваа година ќе се одржи со мноштво културни активности во подножјето на Кокино, долж обележаната патека/рута и во просторот на самата опсерваторија.

Програмските активности на настанот почнуваат во 15:00 часот кога ќе се одржуваат организирани едукативни тури до опсерваторијата, работилници, предавања и презентации, како и перформативните активности на настанот кои стартуваат со поетско читање и го заокружуваат целодневното дружење со музичката програма во чии рамки годинава ќе уживаме во настапите на STRING FORCES, VOLTAIRE MANI AL HAKIM и диџеј ШУРБЕ.

Во едно поинакво афирмирање на мегалитската опсерваторија, која според НАСА се наоѓа на четврто место на најстарите опсерватории во светот, пред нас е ретка прилика за целодневно уживање под отвореното небо на КОКИНО, на кое ќе и дадеме поинаква живост и промоција на самата опсерваторија со грижливо селектирана програма, без да се нарушат атмосферата и духот на локалитетот.

Влезот за посетители на настанот е бесплатен, но потсетуваме дека поради специфичноста на локацијата се работи за настан со СТРОГО ОГРАНИЧЕН КАПАЦИТЕТ и РЕГУЛИРАН ПРИСТАП со автомобили. Како и минатата година, за настанот е организиран автобуски превоз и билети за пристап со возила до фестивалскиот паркинг, кои и годинава се распродадоа во рекорден рок од најавувањето на настанот. Сите оние кои не успеаја да ги набават своите билети за возило, ги информираме дека нивните возила НЕМА ДА БИДАТ ПРОПУШТЕНИ НА КОНТРОЛНИТЕ ПУНКТОВИ поставени кај месноста „Крст", која се наоѓа на 3 километри од Кокино.

Оние пак, кои на настанот ќе доаѓаат со организираниот автобуски превоз, ги информираме дека во недела поаѓањето на автобусите од Скопје (Дрводекор) е во 13:30 часот, а враќањето од Кокино е во 19:00 часот т.е. по завршувањето на програмата.

Објавено:
15 септември 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
138 пати