Елена Лука одликувана со почесен орден за заслуги прв ред „Претеча“ по повод 1000-годишнината на Бигорски Манастир

19 октомври 2020

Вчера се одржа централната прослава по повод историскиот милениумски јубилеј на Свештениот Бигорски Манастир, којшто цели десет века е сенароден светилник кој го покажува патот кон возвишеното, светото, и благородното, а сите присутни на свеченоста беа сведоци на настан од непроценливо значење за христијанството.

Во рамките на прославата која што се одржа на отворено, во дворот на манастирот, беше отслужена архиерејска Литургија, по што следуваше обраќање на Архиепископот г. г. Стефан, а после него до јавноста се обрати и покровителот на прославата, претседателот на државата г. Стево Пендаровски.

„Бигорски е нашиот победник над времето и над вековите, е наша гордост што трае, зашто, од љубовта кон него и од љубовта од него, израсна во неисцрплив вруток, во наш духовен горостас и наш најдобар црковен репрезент. Ако само за момент се навратиме на историските случувања од 11. век до денес, нема ниту едно раздобје во кое овој духовен центар, во помала и во поголема мера, не е присутен и активен со својот придонес. Со тоа се оправдува заклучокот дека уште од своето основање манастирот како да бил благословен да биде нешто големо и значајно", кажа во своето обраќање Архиепископот г. г. Стефан.

Претседателот на државата г. Стево Пендаровски неколку дена пред централната прослава на милениумскиот јубилеј, во својата резиденција го одликуваше Бигорскиот Манастир со високото државно одликување „Орден за заслуги за државата". Во својот говор по повод 1000-годишнината од основањето на Бигорскиот Манастир тој го потенцираше неговото непроценливо значење како духовен храм.

„И токму во вакви моменти на растечка недоверба меѓу луѓето, страв и неизвесност од непознатото, многу наши сограѓани бараат мир, утеха и надеж токму на ова место. За многу страдалници од различни генерации, различни држави и различни идеологии и религии, Бигорскиот манастир претставува духовно засолниште од бурите на животот. Поделбите и предрасудите кои се толку присутни во нашето секојдневие немаат место во манастирот во кој луѓето се, пред се луѓе, независно од нивните лични особености.", нагласи претседателот во својот говор.

Во продолжение, од страна на Митрополитот г. Тимотеј и Епископот г. Партениј беа доделени ордени и благодарници на заслужни поединци и организации, кои дале значителен придонес за манастирот и за неговата мисија.

Г-ѓа Елена Лука како долгогодишен пријател и соработник на Бигорската Обител беше одликувана со почесниот орден од прв ред „Претеча", како благодарност за нејзината преданост и несебично вложен труд во помагањето на мисијата на манастирот.

„Боже ти благодарам за милоста твоја и за благородната мисија на Бигорската Обител. 1000 години Св.Јован Бигорски се 1000 години љубов, верба и работа. Отец Партениј со братството и сестринството, вечни да сте! Бесконечна светлина на патот до нашиот Господ сте... Почестена сум за укажаната доверба и чест и духовно бескрајно исполнета.", искрено се заблагодари г-ѓа Елена Лука до Отец Партениј и Бигорската Обител за значајното одликување. 

Светиот Бигорски Манастир низ историјата одгледал бројни духовни и општествени дејци заслужи за нашите современи духовност, образование, култура и државност, што укажува и на неговото безрезервно културно и просветно значење, а прославата за неговиот милениумски јубилеј беше уште едно значајно сведоштво за неговата непроценлива вредност.

 

Објавено:
19 октомври 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
2.953 пати