Емотивна и интимна изложба на фотографии на Влатко Деков во НЛБ Галерија

4 февруари 2020

Во просторот на НЛБ Галерија утревечер со почеток во 20 часот ќе се отвори изложба на црно-бели фотографии на македонскиот автор Влатко Деков.

Во неговиот кус опис за изложбата авторот ќе каже: „Постојат места каде времето е застанато, а со него и приказните за луѓето кои живееле таму. Во тие места се заљубуваме, нѐ маѓепсуваат и нѐ цртаат како ликови во нивните приказни кои потоа ги раскажуваме. Прага интима е визуелна приказна за едно такво место. Личен, интимен портрет на еден од најубавите градови и магични места во светот, Прага".

На трагите на она што го работеше познатиот чешки фотограф, Јосеф Судек, „Прага интима" ги доловува скриените, вонвременски делови на градот, најчесто без присуство на луѓе.

Проектот е работен две години, период во кој авторот ја посетува Прага повеќепати, живее и ја фотографира во текот на летниот и во зимскиот период.

На изложбата посетителите ќе имаат можност да погледнат 34 црно-бели фотографии и воедно ќе биде промовирана неговата фото-книга со истоимен наслов како изложбата. Книгата е во издание на издавачката куќа ИЛИ ИЛИ.

Изложбата ќе ја отворат заменик-амбасадорот на Република Чешка Љубомир Пшенка и издавачот Игор Анѓелков.

Деков учествувал на повеќе групни изложби, а „Прага интима" е негова втора самостојна изложба. Негови фотографии објавувале повеќе специјализирани списанија и медиуми за култура и уметност во земјава и странство. Добитник е на наградата за најдобро видео и фото репортажа од страна на ТВ Телма и емисијата Топ Тема за 2019 година.

Изложбата ќе биде отворена до 17.02.2020 година.

Објавено:
4 февруари 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
138 пати