Фотографката е добитничка на наградата 13.Ноември

Ерина Богоева ја има совршената книга за 13.Ноември

13 ноември 2019

Фотографката Ерина Богоева е добитничка на наградата „13 Ноември" за монографијата „Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963 ‒ 1990)", која е во издание на „Арс Либрис", дел од „Арс Ламина – публикации". Одборот за доделување на наградата „13 Ноември" на Град Скопје, за 2019 година, ја наградува Богоева во областа на публицистиката за изработка и издавање на монографијата со фотографии од постземјотресно Скопје.

На книгата ѝ претходеше изложбата насловена како „Затемнетиот град" од 2017 година, а сега во книгата се обединети околу 80 фотографии од објекти изградени по скопскиот земјотрес. 

Ерина Богоева

Модерната архитектура претставува основна тематска преокупација во овој циклус фотографии на Богоева. Во нејзиниот фокус се 30 објекти создадени во втората половина на дваесеттиот век, меѓу кои: Управата за хидрометеоролошки работи, Телекомуникацискиот центар, Градски ѕид (блоковите и кулите), студентскиот дом „Гоце Делчев", Домот на Армијата, Соборниот храм „Св. Климент Охридски", Католичката црква „Пресвето срце Исусово" и други. Гледано од архитектонска перспектива, Богоева нè навраќа на најважниот период од историјата на развојот на градот – периодот на интензивната постземјотресна обнова.

Проектот „Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963 ‒ 1990)" е поддржан од Град Скопје, како дел од конкурсот за проекти од областа на културата што би го застапувале или збогатиле културниот живот на градот. Фотографиите се снимани во временски период од 10 месеци, во различни временски услови.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и е одличен подарок за сите што го сакаат Скопје. 

Пред четири години Ерина беше наш соговорник и кажа дека би сакала да види нејзина фотографија во „Венити Фер“, па зошто да не се случи тоа токму со фотогрфија од Скопје?

Честитки!

 

Објавено:
13 ноември 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
131 пати